Културните работници потпишуваат петиција: Премиере, не се пазарете со културата!

by fokus

Уметници и активисти од полето на културата искажуваат загриженост поради одлуката на Владата идниот министер за култура да биде кадар на БЕСА, како дел од договорот за проширување на владината коалиција. Со петиција против ваквата одлука и со писмо до премиерот, културните работници бараат од Зоран Заев да не се пазари со културата.

„Почитуван Премиере и Пратеници во Собранието на Република Македонија,

Ви се обраќаме, од позиција на културни работници на кои КУЛТУРАТА им е професонална дејност, со цел да Ви посочиме дека Вашите решенија за и во полето на културата, кои – некои ги нарекуваат – Висока политика, односно стратешки чекори, за нас се само пазарење, и ние не ги прифаќаме!

НЕ –за културата на продажба,
НЕ- за културата да ја води партија, туку професионалците од полето,
НЕ – за манипулација и партиски пресметки преку културата,
НЕ- култура на (мртви) споменици,
НЕ- култура на поделби,
НЕ- за култура за сите по малце
НЕ – за култура на пoпулизам и бројки без вредносен систем и квалитет

И уште многу други НЕ содржани во претходниве.

Ние сметаме дека културата мора да доживее реформи, да ја обнови јавната сфера која е дерогирана и пропадната.
Културата и институциите МОРА да бидат автономни. А уметноста ослободена, или како што вели социологот и теоретичар Растко Мочник, единствено СЛОБОДНО ПОЛЕ.

На културата треба да и сe овоможи развој преку стратешки планови и политики, развиени од професионалци во секторот. Само таков третман на културата, може да вроди со резултати, долгорочни и стабилни, видливи во секоја пора на општествениот живот, признаени и прифатени од нејзините креaтори – уметниците и културните работници, заедницата и граѓаните.
Стратешкиот развој бара анализа, долгорочен план и континуитет во негово спроведување, а не брзи и професионално неиздржани промени кои го нарушуваат процесот на развој на културата и продуцураат фиктивни адхок резултати.

Доста ни е од партиски заробени институции, од продажби, од симулации на автономија, од поткупувања и докусурувања, од ШУТКАЊЕ на просторот за КУЛТУРА во некои маргинализирани, невидливи ќошиња.

Преку културата мора да развиваме, да инспирираме, да градиме дијалози, да се еманиципираме и образуваме. Мора долгорочно да градиме квалитетни културни системи и вредности, заедно, сите, и институционалната и вонинституционалната култура.

Културата и уметноста имаат политички, економски, историски значења и градат општествени вредности, без кои една средина ќе биде БАРА, а не ПЛОДНО ТЛО за РАЗВОЈ.

ДА
За КУЛТУРА на квалитет,
КУЛТУРА на соработка,
КУЛТУРА на еманципација,
КУЛТУРА на дијалог,
КУЛТУРА на вклученост,
КУЛТУРА на различности!

И уште многу ДА кои КУЛТУРАТА ја прават слободна зона за ГРАЃАНИТЕ на оваа земја!“

Поврзани новости