Култура „сомле“ 15 министри од осамостојувањето: Најкратко Пауновски, најдолго издржа Канческа-Милевска!

by Fokus

Во Македонија е традиција да се менуваат кадри многу често, а таквата „пандемија“ е сигурно најзастапена во Министерството за култура. Од осамостојувањето на Македонија, до денеска, во ова министерство поминале дури 15 министри.

Се започна со Цветан Грозданов, кој беше на функцијата министер од 20 март 1991 година а заврши со министерувањето на 5 септември, 1992. Потоа следуваа: Ѓунер Исмаил (5 септември, 1992 – 20 декември, 1994 година), Ешреф Алиу (20 декември, 1994 – 30 мај, 1997 година), Слободан Унковски (30 мај, 1997 – 30 ноември, 1998 година), Димитар Димитров (30 ноември, 1998 – 28 декември, 1999 година), Љубен Пауновски (28 декември, 1999 – 28 јули, 2000 година), Ганка Самоилова-Цветанова (28 јули, 2000 – 1 ноември, 2002 година), Благоја Стефановски (1 ноември, 2002 – 26 август, 2006 година), Илирјан Бекири (26 август, 2006 – 12 април, 2007 година), Арифхикмет Џемаили (12 април, 2007 – 27 јули, 2008 година), Елизабета Канческа-Милевска (27 јули, 2008 – 1 јуни, 2017 година), Роберт Алаѓозовски (1 јуни, 2017 – 4 јуни, 2018 година), Асаф Адеми (4 јуни, 2018 – 26 јуни, 2019 година), Хусни Исмаили (26 јуни, 2019 – 31 август, 2020 година), Ирена Стефоска (31 август, 2020 – јануари, 2022 година), а од почетокот на годинава со Министерството за култура шефува Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Се стекнува впечаток дека ретко кој министер издржал повеќе од година-две на оваа позиција, а најкратко останал Љубен Пауновски – само шест месеци, додека пак Канческа-Милевска остана најдолго во Култура – речиси девет години. На неа пак, повеќе од четири години и се суди за случајот „Тендери“, a за кој се уште нема првостепена пресуда.

Канческа-Милевска е првообвинета за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, од проектот „Скопје 2014“, а обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Тука се поставува круцијалното прашање – дали со толку краток период на водење на овој сектор, може да се постигне било што и културата во земјава да се подигне на некакво повисоко ниво?

Некогашниот шеф на ова министерство, Ѓунер Исмаил смета дека 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во култура, оставило сериозни оштетувања во оваа област, кои многу тешко можат да се санираат во иднина.

„Контаминацијата одела по сите линии. Почнувајќи од нормативна страна, па потоа финансирање (иако заради криминалите поврзани со „Скопје 2014“, низ касата на Министерството се трансферирале стотици милиони евра, се разбира!) при што се подразбирала подршка на популистички пополнувања на институциите: кадровско партизирање со “контрапротестанти“ и сл., па се до програмска поддршка само и само на проекти кои подразбирале експлицитна и имплицитна поддршка на генералната политика на криминалната тајфа на која, доброволно и се придружуваа многу, да ги наречеме, „дејци““, вели Исмаил за „Фокус“.

Како што додава тој, новата гарнитура која го управува Министерството за кулутра се бори со урнатините оставени од минатото.

„Министерството во рацете ја има Стратегијата за развој на Културата (Собраниски документ), Нацрт-закон за остварување на јавниот интерес во културата, делумно деконтаминирани институции, ама во сепак еден креативен залет, или се на се, една состојба која може да се окарактеризира како ветувачка и од која, постепено ќе произлезе една дејност која ќе биде слична, или пак иста, како онаа која јас ја раководев од 1992 до 1995 година“, анализира Исмаил.

Како што е и погоре констатирано, на огромен дел од министрите им бил даден краток рок за да успеат да реализираат било каков проект додека го раководеле.

„Две години и кусур се доволни само во ретки држави, да речеме Франција, каде луѓето кои се нафатиле да ги водат јавниот интерес, вклучително во културата, разбрале, знаат зошто и како, особено колку треба да и обрнуваат внимание на културата. Во Македонија која изобилува со политичари, не можеме да кажеме дека барем некои од нив го знаат вистинското значење, важност на културата и соодветно постапуваат“, посочи нашиот соговорник.

Исмаил додава дека треба многу работи да се променат во Министерството за култура, а пред се нужен, според него е „општествен договор“ за тоа што и каква култура сакаме и колку пари ќе издвоиме со истата.

Денот откако Костадиновска-Стојчевска ја презеде функцијата од нејзината претходничка, Стефоска, најави дека ќе работи напорно за да се остварат трајни вредности во културата.

„Подготвена сум за предизвиците и за соочување со проблемите, но и за убавината и прогресот што културата ги носи како силен обединувачки елемент во секое општество. Искрено верувам дека сите заедно ќе оствариме нови цели и успеси со трајни вредности“, рече тогаш министерката Костадиновска – Стојчевска.

Поврзани новости