Кулеба: Близу Киев уништен најголемиот авион во светот

by Fokus

Уништен е најголемиот авион на светот, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Авионот е проектиран и направен во последните години на Советскиот Сојуз.

Изграден е за транспорт на вселенски шатлови, а уништен е за време на борбите на аеродромот Гостомељ во близина на Киев.

Шефот на украинската дипломатија, вели дека Украина нема да се предаде или капитулира во преговорите со Русија и дека подготвеноста на Русија да зборува без никакви предуслови, ултиматуми и барања е веќе победа за Украина.

-Значи, мислам дека фактот што Русија е подготвена да разговара без никакви предуслови, без никакви ултиматуми, барања кон Украина, веќе е победа за Украина, рече Кулеба на брифингот, пренесе Укринформ.

Министерот додаде дека украинската делегација ќе слушне што има да каже Русија, без никакви предуслови, и ќе го каже своето мислење за конфликтот и нивните активности.

-Доколку резултатот од овие преговори е мир и крај на војната, тоа треба да се поздрави. Но, јас јасно кажувам дека нема да се предадеме, нема да капитулираме, нема да предадеме ниту дел од нашата територија, потенцира Кулеба.

Кулеба истакна дека пред неколку дена, на почетокот на војната, Русија воопшто не била заинтересирана за никакви преговори, но бидејќи претрпела загуби сфатила дека нејзиниот план не бил успешен, блицкригот пропаднал и Русија почнала да зборува со ултиматуми.

Откако Русија почна да страда, а руската армија доживува еден пораз по друг, условите и ултиматумите стивнаа. Сега тие ни даваат сигнал дека само сакаат да разговараат, рече министерот.

По разговорот меѓу претседателот на Украина Володимир Зеленски и белорускиот лидер Александар Лукашенко, денеска беше договорено украинската делегација да се сретне со Русија без никакви предуслови на границата меѓу Украина и Белорусија во близина на реката Припјат.

Според прес-службата на Кабинетот на претседателот на Украина, Лукашенко ја презел одговорноста дека „за време на патувањето, преговорите и враќањето на украинската делегација, сите авиони, хеликоптери и проектили стационирани на белоруска територија ќе останат на земја.”

Поврзани новости