Кукан: Го убедуваме лидерството на ВМРО-ДПМНЕ да ги повика членовите да гласаат на референдумот

by Fokus

Европратеникот од Европската Народна Партија (ЕПП), Едуард Кукан во интервју за МИА вели дека европското демохристијанско семејство на ВМРО-ДПМНЕ прави се да го убеди лидерството на партијата да ги повика членовите да гласаат на референдумот. Кукан верува дека „одговорноста“ ќе преовладее кај неговите македонски сопартијци.

– Од лидерството на ЕПП се обидуваме да ја убедиме нашата сестринска партија дека е во интерес на земјата и дека треба да има одговорни политички сили во земјата, дека е прашање со долгорочни импликации, да донесат одлука која ќе го обврзе членството да учествува. Но засега ни велат дека нема формална одлука, вели Кукан.

Европратеникот Кукан објаснува дека ВМРО е во „тежок развоен период“ по 11 години власт.

– Партијата не е обединета по ова прашање. Слушнав дека Антонио Милошоски на пример води кампања за бојкот, така што сето ова делумно е рефлексија на состојбата во која се наоѓа партијата. Лош тајминг за партијата е што вака важно прашање треба да се решава и мислам дека ќе бидат свесни за нивната одговорност. Наместо да ги обесхрабруваме, се обидуваме позитивно да ги охрабриме да одат и да гласаат – додава тој.

Што се однесува до Грција каде сестринската партија на ЕПП исто така се противи на Договорот, Кукан вели дека таму „Сириза има мнозинство да го одобри Договорот“ и дека „тоа е најважно“.

Кукан вели дека лично го поддржува Договорот, но она што е важно за ЕПП е граѓаните да го искористат своето право на глас и да не бојкотираат.

– Без да бидам патетичен, патриотска должност на сите луѓе во Македонија е да учествуваат и со тоа да изразат своето мислење за идниот развој на земјата. Ве молам излезете и гласајте – им порачува Кукан на македонските граѓани.

Според него нема простор за дилема околу тоа дали навистина ќе се случи членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ доколку помине референдумот.

– Има многу официјални изјави на високи претставници на ЕУ и НАТО кои се јасни пораки, јасни обврски дека тоа ќе се случи во случај на позитивен исход на референдумот. Сега е потребно да се излезе на гласање – изјави Кукан.

На прашањето што ако не помине референдумот за името, Кукан вели дека не сака воопшто да помисли на такво сценарио и дека “нема план Б.

Поврзани новости