Кучињата лаат, караванот си проаѓа

by Fokus

Секојдневната неспособност на Данела не е тоа што ме плаши, искрено ме плаши нејзината ароганција и немањето основен сенс за состојбата во која се наоѓа државата како дел од светската, но, пред сè, европската енергетска криза

Пишува Васко КИЧЕВСКИ

Првото лето под новата градска власт е при крај. Лето исполнето со многу разочарувања и ниту еден реализиран проект. За речиси една година, распишани се само неколку реконструкции на улици, а градежната сезона е речиси завршена. Лето во кое градоначалничката, која немаше да оди на одмор, си замина во Америка на таканаречена дообука во, ни помалку, ни повеќе, прва класа или во превод, лет од 5.000 евра.

А Скопје во тоа време се бореше со наезда на комарци, кои, патем речено, во време на претходниот градоначалник беа претставени како најголемиот проблем на државата. Има една голема разлика, за време на претходната власт со недели се напаѓаше раководството за неспособноста на градската управа, а денес тоа само некаде ќе се спомне и поминува баш како во старата поговорка – кучињата лаат, а карванот си поминува.

ДОПОЛНИТЕЛНА ДРАМА

Деновиве на површина исплива целосната дисфункционалност на градот. Поплавени улици, поплавени домови и подруми, испопаѓани дрвја, кои со денови не се отстрануваат, но, најважно од сѐ, шахтите се нивелираа, ама забораваат дека понекогаш треба и атмосферската канализација да се одржува и чисти.

Но, затоа функцијата на ПР тимот е за пофалба, драматични слики од градоначалничката излезена на терен како, демек, загрижена го свикува кризниот штаб, на кој не се решава ништо, туку само се дава на важност и дополнителна драма во целата непогода.

Со оглед на фактот дека во последните години временските непогоди стануваат сè почеста појава, не само во Скопје, туку и во целиот регион, крајно време е да се преземат чекори за заштита на населението од ваквите непогоди и со редовни превентивни мерки, како и реконструкција на атмосферската канализација на црните точки на градот, да го доведеме Скопје до пристојно ниво на подготвеност.

Скопје и скопјани веќе се свесни дека нема да има ништо од главното ветување на Данела во изборната кампања и бесплатниот превоз ќе остане само уште една, идеја која е неизводлива и е само популистичко ветување во време на кампања. А како да се реализира ова ветување, кога ЈСП од ден на ден влегува во сѐ поголеми долгови и преживува исклучиво од субвенциите на градот, кои не се доволни за да се одржува јавното претпријатие, а не па истото и да се модернизира.

НЕСПОСОБНОСТА НА ДАНЕЛА

И сѐ ќе беше поинаку ако само го продолжеше веќе почнатиот проект Бас рапид транзит, но немоќта да се надмине сопственото его и да се признае и пофали добар проект на својот претходник, е само знак за недораснатост за местото на кое седи скопската градоначалничка, која по секоја цена го запре еден од најдобрите проекти за нашиот град.

И судејќи по досегашната „успешна“ работа на скопската менаџерка, сигурен сум дека и ова ќе го реши брзопотезно, исто како и незаконското назначување на директорот на ЗОО Скопје.

Но, секојдневната неспособност на Данела не е тоа што ме плаши, искрено ме плаши нејзината ароганција и немањето основен сенс за состојбата во која се наоѓа државата како дел од светската, но, пред сè, европската енергетска криза, која сите ние денес ја живееме.

Пример, државата ќе плаќа 350.000 евра годишно затоа што на некој му се сонило дека не сака метро на тркала, а со 350.000 евра може да се реконструира уште една улица повеќе во град Скопје.

Изјавите од типот, нема да штедиме на уличното осветлување, а во моментов цела Европа штеди електрична енергија на секој можен начин, во најмала рака се целосно неодговорни, но, еве, и ќе разберам дека кога ќе настане целосен мрак потребно е уличното осветлување да биде вклучено, но, нели, мисли дека уличното осветлување можеби може да го пушта еден час подоцна и да го гасне еден час порано или, пак, да нареди штедење електрична енергија во сите јавни институции.

Немањето сенс дека токму таа, како носител на една од највисоките јавни позиции, мора да покаже пример и одговорност во една ваква криза затоа што тоа се очекува и прилега за еден сериозен градоначалник на Град Скопје.

Авторот е претседател на Градска организација на СДСМ, Скопје

 

Поврзани новости