КСС го поддржува најавениот штрајк на СОНК

by Fokus

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) соопшти дека со сите свои ресурси и логистика го поддржува најавениот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и оти стои зад нивните барања за повисоки плати на просветните работници.

Од  КСС истовремено упатуваат повик за солидарност со просветните работници, кои оценува дека  „се понижени со личните примања што се најниски во регионот и во Европа.

– Просветните работници заслужуваат повеќе, заслужуваат почит и треба да бидеме свесни дека тие се ‘рбетот на едно општество, а тој во моментов е загрижувачки искривен. Без заслужената плата, без мотивиран професор не можеме да очекуваме резултати во иднина, не можеме да очекуваме здрави генерации кои треба да ја водат нашата држава. Затоа ги повикуваме и родителите да искажат силна солидарност кон вторите родители на нивните деца и одлучно да ги поддржат наставниците да се изборат за статусот кој го заслужуваат, наведува КСС во соопштението.

СОНК за не се откажува од барањето наставниците во основното и средното образование да добијат зголемување на платата од 25 отсто, наместо како што најави Владата 5 отсто.

СОНК најави дека на стартот на учебната година, на 2 септември, ќе одржи предупредувачки штрајк и оти наставниците ќе бидат на работните места без да ги примаат децата. Доколку до крај на следниот месец не се постигне напредок во преговорите со Министерството за образование и наука за  исполнување на поставените барања за зголемување на платата од 25 отсто планираат да организираат генерален штрајк.

Поврзани новости