Крушевскиот градоначалник Христоски: Одлично поминавме периодов, Мизрахи ги сквернавеше илинденците!

by Fokus

Вчеравечер беше затворена културната манифестација „10 дена Крушевска Република“ на платото кај споменикот Илинден во овој град.

Во услови на пандемија, Крушево го прослави празникот Илинден, а имаше и одредени спортски активности во изминатите 10 дена, со почитување на протоколите.

Крушевскиот градоначалник, Томе Христоски за „Фокус“ коментираше како градот поминал од туристички, но и безбедносен аспект во изминатите две седмици.

„Можам да кажам дека супер поминавме за Илинден и останатите 10 дена во кои имаше различни активности. Се потрудивме да направиме промоција на Крушево и убеден сум дека оставивме убав впечаток кај туристите. Имаше многу спортски активности на отворено и многу новитети за фестивалот „When in Krushevo“. И покрај што имаше раздвиженост во изминатите две седмици, немаме ниту еден случај на корона вирус во градот од тој период. Поентата ни беше да се претставиме и како безбедна општина“, истакна Христоски.

Дента на прославата на Илинден на Мечкин Камен, дојде и Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ заедно со двете коњаници. Тој момент крена голема прашина од политички агол.

„Мизрахи ги сквернави илинденците. Таа дојде во Крушево со несвојствена униформа и на цел празник се обиде да се даде политичка позадина со користење на национализми. Од историјата знаеме дека комитите не биле сите на коњ, а оваа година видовме друга слика на коњаницата“, додаде Христоски.

Што се однесува до состојбата со корона вирусот во градот, досега има регистрирано 16 случаи, од кои седум се активни.

Јорданчо Цветаноски

Фото – Јорданчо Цветаноски, Томислав Георгиев

Поврзани новости