КРИВИЧНИОТ СУД КАКО ГРОТЕСКА!

by Фокус

Арбен ГОЉА

Со последните случувања по повод иницирањето на случајот “ТИТАНИК” ,од страна на СЈО, дефинитивно е јасно дека нашето судство е во длабока морална и етичка агонија. Ова е најегзактен пример на попречување на правдата од институцијата која е задолжена да ја спроведува и да го штити правото.

Со своето однесување и со постапувањето по предлозите на СЈО за определување мерка притвор, спрема осомничените во случајот “ТИТАНИК”, за тешки кривични дела на изборни измами, Кривичниот суд Скопје I- Скопје, почнувајќи од неговиот претседател па до судиите, недвосмислено покажаа дека не се ни од далеку на нивото на нивните звања и дека се всушност сервилни марионети во рацете на оваа режимска власт.

Несфатливо е на нормален човек до кој степен ја обезвреднија и девалвираа функцијата  судија, која секаде во светот е една од најпочитуваните и најпрестижните функции и синоним на правдата.

БЕЗОБРАЗНИ И ПРОВИДНИ ИЗЈАВИ

Оваа корумпирана и сервилна структура во Кривичниот суд Скопје I- Скопје е јасно дека не може да се надмине себеси, за што јавноста имаше некоја надеж дека можеби ќе се случи, и истата под итно треба буквално со метла да се расчисти. За многу од нив, а особено за претседателот на овој суд сметам дека постојат основи да се покренат постапки за злоупотреба на службената положба и попречување на правдата.

На овој начин на сите што ја извршуваат оваа функција во Македонија ќе им се прати јасна порака дека нема да можат да се кријат под судиската тога, доколку не ја вршат функцијата непристрасно и врз основа на Уставот и законот. Гротескно е ова што го прави овој суд овие денови.

Во последните 10 години , овој суд на сите барања за определување на мерка притвор, поднесени од страна на OJO, и за многу по лесни кривични дела, во 99.9 отсто случаи adhock ги прифатил истите, односно донел решение за определување мерка притвор, па дури и таму каде реално и немало основи истата да се изрече.

Не треба да се биде голем стручњак за да се забележи безобразлукот и провидноста во изјавата на портпаролот на овој суд, со кој се обидува да ја аргументира оправданоста и “законитоста” на одлуките да не се прифатат барањата на СЈО за определување на мерките притвор на осомничените во случајот “ТИТАНИК”.

Уште поскандалозно е однесувањето на Судскиот кривичен совет на овој суд при постапувањето по жалбите на СЈО на решенијата за одбивањето на предлозите за определување на мерката притвор донесени од добро познатата судијка во претходна постапка ( истата судијка која ги прогласи прислушуваните материјали дека не можат да бидат докази ), коинциденција или можеби случајност ?! Овој Кривичен совет си дозволи на своја рака да ги менува роковите утврдени со ЗКП, онака како ним им одговара.

Од друга страна,  читам дека истиот овој суд експресно одлучил по жалбата на г- динот Едмонд Темелко во негова корист, дека бил незаконски лишен од слобода и приведен. Оваа одлука претставува основ за кривична одговорност на службените лица кои дале налог за негово апсење и приведување. Браво, и јас сум за тоа да се почитува законот и постапката предвидена во него во вакви случаи. Ќе беше и вистински браво кога овој суд и во многу други случаи ќе се држеше вака цврсто до законитоста, до словото на законот.

За жал ова мизерно судче не постапува со ист аршин, впрочем во тоа се уверивме во случајот “ТИТАНИК”. Се уверивме дека ова беше јавен скандал, но ги има на стотици мали и нејавни скандалчиња по ходниците на ова судче, кое брутално ги злоупотребува своите ингеренции и ги крши законите или ги модулира како што им одговара.

За да дадам веродостоен и аргументиран пример за основаноста на моиве наводи, ќе ви го предочам мојот пример кој се уште го чувствувам и кој е егзактен напад врз мојот интегритет како јавна личност, со цел да бидам понижен и дискредитиран, поради моите јавно искажани критики кон оваа квази-институциа. Прво бев осуден во отсуство за кривично дело неплаќање издршка без да ми биде овозможено законското право на одбрана.

РЕПРЕСИРАЈ ГИ ЧЕСНИТЕ, ШТИТИ ГИ КРИМИНАЛЦИТЕ

Иако веќе 54 години живеам на иста адреса, каде ми е и седиштето на мојата адвокатска канцеларија, во самиот центар на градот, бев третиран како недостапен, па ми ставија привремен старател, а потоа ме осудија во отсуство. Пресудата ја закачија на огласна табла и во рок од 30 дена истата станала правосилна. За целиов овој период јас сум во мојов град, секојдневно одам и застапувам по судовите, па и во ова судче, добивам на истата адреса каде сум прогласен за недостапен писмена, што по пошта, што од судските доставувачи.

Еден ден сосема случајно дознавам дека сум осуден, па го користам законското право да барам повторување на кривичната постапка. Сега веќе сум достапен па добивам писмо од Кривичниот судски совет да во рок од 3 дена дојдам во нивните простории и да донесам лична карта и нејзина фотокопија. Постапувам по нивното барање, а и потпишувам изјава дека ќе бидам достапен на судот при повторувањето на постапката.

Но овде не е крајот, еден ден телефонски ме бара стручниот соработник на Кривичниот совет, В.Т.П. и од мене бара да им ја донесам мојата патна исправа, бидејќи решиле да ми ја земат како мерка за претпазливост, ѓомити за да не сум избегал во странство. Иако ова и на најголем лаик по право може да му биде само трагикомично, бидејќи никаде во законот не се дозволува, Боже чувај да барат да ви ја одземат патната исправа телефонски. Оние кои го знаат ЗКП им е јасно дека за ова се носи решение на кое можеш да поднесеш жалба во рок од 3 дена до повисокиот суд, иако жалбата не го задржува извршувањето.

Врз основа на претходното сосема логично јас нивното телефонско барање го одбив. Но и тука не е крајот на безаконието. На врата ми се појавува полиција со наредба за претрес заради одземање на мојата патна исправа, наредба издадена од Председателот на кривичниот совет на ова судче, судијата Моника Бахчовановска, по позната по нејзината историската пресуда со која осудила правно лице на ефективна казна затвор, иако искрено не знам и како успеала да го смести во него, ( сега веќе деградирана на мое особено задоволство во прекршочен судија ).

Ова е суровата вистина на овој суд и неговото секојдневно постапување така да јавноста и не треба да ја шокира ова што се случува со случајот “ТИТАНИК”. Они се научени веќе со години да на вакви флагрантни начини го злоупотребуваат правото и да ги кршат законите и бескрупулозно си играат со човечките животи. Очигледно е дека нивното мото е репресирај ги чесните, а штити ги криминалците. Заклучокот е поразителен, не само овој суд туку и во сите инстанци е метастазирано ткивото на целиот судски систем, до распаѓање. потребно е час поскоро за да се отстрани, инаку не ни се пишува добро.

Поврзани новости