Кривична за скопјанец, крадел незаклучени возила

by fokus

Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Н.К. (35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „одземање моторно возило“, со што тој се стекнал со противправна имотна корист од околу 580.000 денари.

Пријавениот, првото кривично дело го извршил на 16 – ти овој месец во периодот од 12:00 до 19:30 часот на паркингот пред Царинска управа на Република Македонија, на ул. „Лазар Личеноски“ во Скопје. Тој влегол во незаклучено моторно возило „Фолксваген Поло“, ги пронашол клучевите, го стартувал возилото и заминал во непознат правец. Одземеното возило било пронајдено четири дена подоцна од страна на полициски службеници и било вратено на оштетениот.

Второто кривично дело Н.К. го извршил на 20-ти овој месец околу 1:30 часот на бул. „Партизански Одреди“. Тој го искористил невниманието на оштетениот, кој застанал со патничко возило „Мерцедес“ пред аптека и го оставил возилото со клуч во бравата и влегол во аптеката. Пријавениот веднаш влегол во возилото, го стартувал и заминал во непознат правец. Истиот ден, од страна на полициски службеници, возилото било лоцирано на улица „Јужен Булевар“ каде било оставено од пријавениот без регистарски ознаки. За кратко време Н.К. се вратил да го земе возилото по што бил лишен од слобода и однесен во просториите на Полициската станица Центар. Со него бил извршен разговор во којшто го признал делото.

Третото кривично дело го извршил два дена подоцна, односно на 22.04., околу 23:00 часот на улица „Филип II Македонски“. Тој го искористил невниманието на оштетениот кој застанал со моторно возило „Фолксваген Голф“ пред аптека, оставајќи го возилото со контакт клуч во бравата по што влегол во аптеката. Пријавениот веднаш влегол во возилото, го стартувал со клучот и заминал во непознат правец. Наредниот ден околу 3:00 часот, од страна на полициски службеници, пријавениот бил затекнат како го управува одземеното возило, по што бил лишен од слобода и бил приведен во Полициската станица Центар.

Инаку, Н.К. е познат сторител на имотни деликти за што, во периодот 1997 до 2014 година, му биле поднесени вкупно 166 кривични пријави по однос на овој вид криминал.

Поврзани новости