Кривична за кумановскиот градоначалник- тој прашува дали е на повидок нешто слично на режим

by Frosina Fakova

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, освен прекршочно, по пропустите кои ги најде Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ќе се гони и кривично според член 206 од Кривичниот законик.

-Кривична пријава? Класична злоупотреба на инструментите на власта. Легитимна постапка со независни и непристрасни професионалци ќе ја покаже вистината. Навикнат сум на борба. И понатаму со ист интензитет заедно со истомислениците ќе продолжам да се борам. Во минатото се борев против режим. Дали е на повидок нешто слично? Мојот приоритет во овие моменти е борба против епидемијата и здравјето на граѓаните. Правдата и вистината секогаш победува!, објави на Фејсбук Димитриевски.

Од Министерството за внатрешни работи за Фокус потврдија дека поднесена е кривична пријава по член 206, но други детали не соопштија. Според овој член на Димитриевски му се заканува парична казна или затвор од една година.

-Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, се вели во овој член.

Димитриевски е се уште во изолација откако тестот кој правел на 12 април бил позитивен. Пред да ги дознае резултатите владиниот врв беше на средба со него во Куманово, па сите функционери завршија во изолација. По десетина дена Димитриевски направи тестови во приватни лаборатории кои беа негативни. Негативен беше и втротиот тест од Центарот за јавно здравје.

Куманово е на врвот на листата по заразени и починати од новиот корона вирус.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости