Кривична за екс директорот на Агенција за вработување, кој му ги отстапи на Диме Спасов службените возила

by fokus

Против поранешниот директор на Агенција за вработување, Влатко Поповски, е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Поповски се товари за случајот во кој поранешниот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, беше фатен со службено возило на Агенцијата откако направи сообраќајна несреќа.

Според полицијата, Поповски отстапил на користење четири возила во сопственост на Агенцијата, кои ги дал на Министерството за труд и социјална политика, спротивно на правилникот за користење на службени моторни возила.

„Без одобрување од Управниот одбор, на 28.10.2015 година склучил Договор за меѓусебна техничка соработка со Министерството за труд и социјална политика при имплементација на активни програми и мерки за вработување. По основ на тој договор, на Министерството за труд и социјална политика му отстапил на користење четири возила сопственост на Агенцијата за вработување. За отстапените возила, В.П. дал на користење и картички за гориво со одреден лимит за две бензински пумпи. За да овозможи користење на картичките за гориво бензинските пумпи, пријавениот издал и дупли идентификациони картички на име на лицата вработени како возачи во Агенцијата за вработување, a без нивно знаење. Со користење на картички за гориво, во периодот од 28.10.2015 до 30.10.2016 година, било полнето гориво во вкупен износ од 427.817 денари на штета на буџетот на Република Македонија“, велат од МВР.

Со ваквите дејствија, Поповски се сомничи дека го оштетил буџетот на Република Мкедонија за вкупен износ од 844.121 денари или 13.725 евра.

Освен тоа 39-годишниот Поповски се товари и дека како вршител на должност директор на Агенцијата, во текот на 2016 година спротивно на Законот за јавни набавки, без спроведена законска постапка, на правно лице од Скопје му доделил работни задачи (санација на објект). На тој начин овозможил правното лице противправно да се стекне со имотна корист од 416.304 денари и за таа сума го оштетил буџетот на Република Македонија.

Кривичните пријави се поднесени од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.

Поврзани новости