Кривична пријава за Јово Вангеловски бидејќи не дозволил увид во „Таргет и Тврдина“

by fokus

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски не ѝ дозволил на Комисијата од Советот за утврдување на факти да направи увид во предметите на СЈО, за нелегалното прислушување, „Таргет и Тврдина“ во коишто се обвинети и двајцата бегалци, Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Од Советот пред една недела испратиле известување дека денес ќе вршат увид, но кога отишле судската полиција не им дозволила да влезат.

– Судската полиција усно објасни дека претседателот на Врховниот суд на РМ, им наредил да не ја пуштаат Комисијата во судот. Потоа претседателот на Врховниот суд на РМ по телефон го повика претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, сѐ додека на судот не му биде доставен основот поради кој Комисијата го бара увидот, а потоа тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејствие, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање ќе сносиме последици, вели претседателот на Советот, Сашо Поцевски.

Од Советот велат дека овој начин на однесување на Јово Вангеловски претставува спречување во вршењето на овластувањата што ги има Комисијата.

– Во конкретниот случај со неовозможување на увид во списите заради прибавување податоци и докази кои се од интерес за утврдување на фактите во врска со утврдување одговорност на судиите кои постапувале по предметот „Таргет-Тврдина“, направена е повреда од страна на претседателот на Врховниот суд, за што овој Совет ќе поведе и кривична постапка за негова одговорност пред надлежниот јавен обвинител, пишува Поцевски во неговото обраќање до јавноста.

Од Советот за утврдување факти додаваат и оти ова не е прв пат Вангеловски како претседател и други судии во Врховниот суд да вршат опструкции.

– Во минатото кога беа повикувани од страна на Советот за утврдување на факти, да дадат изјава или да им се овозможи пристап до информации кои ги има Врховниот суд на РМ по конкретни предмети, беа вршени опструкции од нивна страна на начин што не одговараа на барањата на Советот за утврдување на факти или не се одзиваа на поканите да присуствуваат на распит и слично – велат оттаму.

Поврзани новости