Критики за наследникот на Тупурковски, Ристовски смета дека Димевски нема легитимитет

by Фокус

Изборот на поранешниот претседател на Кошаркарската федерација Даниел Димевски за нов претседател на Македонскиот олимписки комитет, откако Васил Тупурковски се повлече после цели 28 години, предизвика реакции кај дел од спортската јавност. Еден од нив, ракометниот репрезентативен голман Борко Ристовски, отворено го критикуваше изборот на Димевски. Според него, тој нема легитимитет бидејќи не ги исполнувал условите за кандидат.

-Чест ми е што сум во просторија со успешни спортски работници. Чест ми е што легенди како Перо и Тоше се тука. Јас сум само гостин и затоа ќе се извинам за моето излагање. Искрено мислам и Тупурковски и генералниот секретар и директорот, не заслужува Македонија ваков избор. Немате ни половина од овие луѓе и да дозволите да бидете избрани е брука за спортот и за вас како спортски работник. Немам ништо лично против вас, туку против тоа што го претставувате во спортот. Вие велите Зикова не ги исполнува условите, а ја имам инфо дека и вие не ги исполнувате, девет години бевте претседател од кои само три активен. Ќе се видиме каде сакате да разговарраме за ова со докази. Барам да има ново собрание на кое ќе присуствуваат сите федерации. Мене ми е искрено жал што легенди како Тоше, Перо и Наумче се дел од цело сценарио. Се надевам дека сите ќе застанат зад спортот, а не зад политиката – рече Ристовски.

Инаку, на изборното собрание десетина делегати предвремено заминаа. Меѓу нив беше и претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска-Зикова, која беше вториот кандидат за претседателската функција. Од оние 32 кои останаа во салата, 30 гласаа за поранешниот прв човек на Македонската кошаркарска федерација Димевски.

Поврзани новости