Кристина Арнаудова: Сигурна, амбициозна, различна!

by Фокус 13:15
13:15

City MallСигурна во себе. Амбициозна во своите визии за иднината. Различна во својот музички филм. Свесна за својата улога како јавен лик, најчесто јавно го споделува секој свој став, посебно нагласувајќи ги нештата со кои не се согласува. Минатата година ја претстави и својата линија чевли наменета за понежниот пол. Родена во месец септември, астролошки припаѓа на знакот Девица, со многу нејзини карактеристики како дел од нејзиниот карактер. Кристина Арнаудова, уживајќи во својата бременост, одвои време за убаво дружење со нас во Скопје Сити Мол.

Прошетката ја почнавме од местото каде што новата мајка можеше да ги најде сите неопходни реквизити за членот на семејството, кој допрва треба да дојде. Во мултибренд продавницата „Бејби хоум“ може да се направи избор од богата понуда на производи од познати светски брендови. Додека разгледувавме, љубопитно ги прибиравме првите информации за новините во семејството Петрески.kristina arnaudova 01ФОКУС: Кристина, своите обожаватели ги разгаливте со најновата информација дека вашето семејство ќе добие уште еден член. Тоа го направите на мошне интересен начин. Какви беа реакциите на публиката во тие моменти?

- Advertisements -

АРНАУДОВА: Сите беа изненадени бидејќи за убавата вест знаеја само нашите најблиски. Сакав да ги известам моите знајни и незнајни пријатели и обожаватели токму на тој начин. Тоа е убава информација, која не треба да се крие. Ние сме среќни, нашата желба за големо семејство се остварува, а тоа секако сакаме да го поделиме со јавноста, која имам впечаток дека навистина се израдува со нас!

ФОКУС: Момче или девојче?

АРНАУДОВА: Изгледа јас дома, барем засега, ќе бидам единствениот претставник на  женски пол. Секако, доколку не се изненадиме и ние, па да излезе девојче.  Најважно е само да е здраво и живо, полот е најмалку важен, колку и да звучи клише!

ФОКУС: Каква беше реакцијата на вашето синче Максим?

АРНАУДОВА: Тој беше најсреќен. Кога дозна, веднаш отиде во неговата соба, го нацрта бебето и напиша на лист, „те сакам, бебе“. Сака да биде Бато, што на негова возраст е сосема нормално.

Убавите информации идеално се вклопија во атмосферата што владее низ Скопје Сити Мол. Целиот трговски центар е претворен во детско кралство, а наоколу трчкаат витези и принцези барајќи ги своите замоци.

ФОКУС: Растевте со самохрана мајка, која е практично вашиот животен херој. Кои се нештата кои од неа ги презедовте во воспитувањето на вашиот син?

АРНАУДОВА: Мајка ми станала родител многу млада. Преминот од  тинејџер до родител, веројатно, бил шок за неа. Претпоставувам, немала време кога да се подготви за таа улога, ниту, пак, да размислува каков родител треба да биде. Едноставно, на 19 години не си уште подготвен за таа голема улога, а од денешен аспект сосема го разбирам тоа.

Не знаела дали да биде студент, млад човек, кој ќе живее како таков, или да биде родител. Благодарна сум и што одлучила на таа возраст да ме задржи. Сум можела многу лесно да завршам во дом за деца, како што многу млади мајки, кои не се подготвени на тој чекор, носат таква одлука и го прават тоа. Затоа, за нејзината одлука, секогаш ќе ѝ бидам благодарна.

Во воспитувањето на Максим, гледам да ги нема сите оние нешта кои мене како дете ми пречеле, ме правеле несреќна, а возрасните  можеби и не биле свесни за тоа. Се трудам да бидам смирена, да имам трпение за бескрајни објаснувања и разговори, да имам многу време за моето дете.

Кога понекогаш ќе ми се испушти да го повишам тонот, едноставно се мразам себеси, бидејќи знам дека тоа не е начин да се разговара со дете. Но, има некои работи кои се запишани во нашиот генетски код, а и од кои тешко се ослободуваме. Јас свесно се трудам да се ослободам од сето она што на моето дете може да му создаде трауми и стрес во неговиот иден живот. Сакам да создадам само убави спомени за моето дете, за моето семејство…kristina27ФОКУС: Каква беше реакцијата на вашата мајка во врска со вашиот избор за музичка кариера?

АРНАУДОВА: Не беше воодушевена, но не ми застана на патот. Ми рече пробај, но ако не успееш, не разочарувај се. Мислам дека не веруваше во мене, посебно не дека вистински ќе се занимавам со тоа толку години и ќе успеам да опстанам.

ФОКУС: Каква мајка е Кристина, строга, попустлива или…?

АРНАУДОВА: За некои работи сум вистински другар со мојот син, но за некои сум авторитетен родител. Сметам дека балансот во воспитувањето на децата е многу важен. Сакам да има чувство дека сме најдобри другари, но и дека има одредени правила кои мора да се почитуваат, во однесувањето кон себе и кон останатите.

Домашното воспитување, според мене, е најважното наследство што му го оставате на своето дете, па на тоа обрнуваме најмногу внимание. Родителството треба да е сосема свесна одлука. Секоја наша реакција кон детето може да носи трајни последици, па затоа секој родител треба да е многу внимателен, а и да го практикува тоа „совесно“ родителство.kristina arnaudova 02Кристина е родена во Неготино. Овој месец ќе го слави својот роденден. Астролошки таа припаѓа на Девицата. Девиците се управувани од Меркур – планетата на интелектот и на комуникацијата. Ги карактеризираат љубопитност, аналитичност, перфекционизам и педантност.

ФОКУС: Атстролозите на родените во знакот на Девица им припишуваат сигурност, прецизност, контрола, перфектна педантност… Дали во некоја од овие карактеристики препознавте и ваши?

АРНАУДОВА: Јас сум точно таква, мислам дека тоа се зборовите што најмногу ме дефинираат. Јас сум човек на кој може да му се верува во секој момент, прецизна во работата, но и „контрол фрик“ на сѐ околу мене. Педантна, понекогаш и до перфекција. Ова се карактеристики кои знаат да бидат и напорни за тој што ги има, но и за околината, па се трудам да направам некаков баланс, да не сум толку напорна, но и да не барам перфекција од останатите. Понекогаш ми успева, понекогаш не.

ФОКУС: Каква е, всушност, Кристина надвор од светлото на кое сме навикнати да ја следиме кога е на сцената?

АРНАУДОВА: Не сум многу поразлична. Се трудам да сум сосема иста на сцената, но и во моите интервјуа. Сѐ друго би било манипулација со јавноста, што е одлика на луѓе со недостиг од самодоверба, кои мораат да се претставуваат поинаку. Јас сум  сѐ, само тоа не. Спонтана сум, природна, не смислувам фаци за сликање и изјави, не се шминкам премногу секојдневно, носам патики, фармерки и кожени јакни. Постојано сум ведра. Не можете да ме видите несреќна и разочарана.

Секогаш си наоѓам нови ангажмани и обврски за себе, се ставам во нови предизвици, сакам да работам. Кога не работам, не се чувствувам добро, сакам да сум корисна и креативна. Можеби можам повеќе да се забавувам, да излегувам. Но, колку и да се терам себеси, јас не сум таков човек, па ретко може да ме видите излезена, особено до раните утрински часови.

Повеќе сакам да гледам филм, да читам, да спијам. Тоа за мене е мојата журка. Времето поминато со моето семејство за мене е најубавата забава. Тоа е она што ме полни со најубавата енергија, од која црпам сѐ.  kristina arnaudova 03Нашата прошетка продолжи во царството на играчките – продавницата „Крш“. Максим сигурно ќе се радуваше тука. Но, ќе го дружиме во некоја друга пригода. Сега Кристина беше нашето дете во Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Музиката во последниве неколку години е слаба алка во Македонија. Се чини дека субвенциите не го даваат ефектот што е планиран. Колку вие како музичар се согласувате со политиката за субвенционирање на македонската публика?

АРНАУДОВА: Можеби намерата не беше лоша, но спроведувањето е исклучително лошо. Како и за сѐ, и овде се водат работите од аспект на политичка подобност, па така редовно субвенции добиваат персони кои знаат да се умилкуваат на тие што се одговорни. Музиката е повторно на последното место. Знаете кои луѓе добиваат субвенции? Тие што денар немаат вложено во својата кариера, тие што не вложиле никаква инвестиција и труд во својата работа, немаат оставено никаков печат во музиката.

Тоа се ликовите што трчаат од фестивал до фестивал, за да добијат бесплатна песна, не е важно дали е добра или не, важно им е да се појават на ТВ, да не бидат заборавени. Нема да ги видите на друго место. За жал, како што гледате, на таквите можете и по три субвенции месечно да им давате, па повторно нема да остават никаков печат.

Едноставно е, тие немаат капацитет. Десетина артисти, кои последниве години работиме, се трудиме, снимаме, и тоа во годините на најголема криза, економска, креативна, духовна… Нас речиси и да нѐ нема на тие листи, постојано сме одбиени на листата.

Критериумите за тие субвенции се сосема погрешни, а спроведувањето е неуспешно. Многу пари, наши народни пари, од нашите џебови, се потрошија залудно. Мислев дека субвенциите конечно ќе бидат нешто добро, но и таму се најдоа луѓе што решија да си ја гледаат само својата корист, а не и националната.kristina arnaudova 06ФОКУС: Дали според вас публиката ги прифаќа субвенционираните песни, па и музичари?

АРНАУДОВА: Публиката воопшто не ја интересира тоа. За публиката или си добар или не, или го имаш она нешто на сцена или не, или имаш песна или не. Субвенциите, како што кажав, не купуваат харизма, талент, музика и публика. Публиката сака музика, а музиката не се дели на субвенционирана и на несубвенционирана.

ФОКУС: Вашата улога како јавна личност ја совладавте на вистинскиот начин. Често на социјалните мрежи ги споделувате вашите ставови со пријателите и со публиката. Но, мора да констатираме дека во Македонија може на прсти да се набројат јавните личности што го прават тоа. Дали вашата кариера трпи поради вашите ставови?

АРНАУДОВА: Мојата кариера сите овие години беше најголемата жртва за моите гласно изговорени ставови. Во земјава високо се рангирани само тие што се политички подобни (така било од кога паметам), наградени се тие што аплаудираат на сѐ, без оглед дали е тоа во ред или не. Да имаш свој став, кој притоа е спротивен на власта, е нешто што си носи свои последици. Морам да потенцирам, не само за оваа власт, така било од секогаш. Единствено се надевам дека тие што доаѓаат, ќе бидат поразлични.

На јавниот сервис прво со указ бев забранета од едните неколку години, па потоа бев забранета од другите уште неколку години. Не знам за друг таков случај на естрадата. Последниве 5-6 години сум исклучена од речиси сите јавни манифестации, избори и селекции. Во таквите мигови најлесно беше да се предадам бидејќи борбата беше нерамноправна. Борба со ветерници. Но, решив да останам, да снимам и да се трудам. Да останам гласна, да останам таа што има став, иако знам дека тоа има своја цена.

Сите јавни личности ја имаат таа одговорност, но овде речиси никој нема храброст за тоа. А и на повеќето многу им е гајле. Знам дека и моето јавно говорење против програмата на националните телевизии ќе има свои реперкусии, знам дека ќе ме нема таму, како што и до сега, скоро ме немаше. Но, ако сите молчиме, каква иднина ќе им оставиме на нашите деца?

Нема ли да ни биде срам утре, кога ќе нѐ прашаат зошто ништо не сме направиле? И да, сето она што сум го направила и сум го кажала е направено свесно, знаејќи што ќе изгубам. Но, не сум кукавица и никогаш нема да бидам.

ФОКУС: Колку е значајна поддршката на семејството, во поглед на кариерата?

АРНАУДОВА: Моето семејство е моето сѐ, од таму ја црпам целата енергија. Тоа е единственото богатство кое вистински човек може да го има. Ако човек нема среќа во домот, не може да е успешен надвор од домот, тоа е мојата филозофија.

ФОКУС: Колку вие сте поддршка во поглед на кариерата на вашиот сопруг?

АРНАУДОВА: Јас сум свесна за неговите квалитети како ракометен тренер, и верувам во него, дури и повеќе од тоа што тој самиот си верува во себе. Мојата поддршка ја има во секој миг, а како сопруга, во секој миг сум подготвена да жртвувам дел од мојата кариера за неговата да стане поголема и поуспешна. Ние двајцата сме си најголема поддршка, немаме многу роднини и блиски врски, па сме свесни дека се имаме само еден со друг.

ФОКУС: Колку емоциите се важни во музиката?

АРНАУДОВА: Емоциите се основа на секоја уметност. Така се раѓа уметноста, од една емоција, од еден миг. Само длабоко емотивните луѓе можат да создаваат уметност. Ако зборуваме за музика и за пеење, да пее може секој, не мора да е многу емотивен и да знае да преживува и доживува. Затоа мојата авторска работа, мојата музика и текстовите што ги создавам се нешто на кое сум особено горда. Во нив може вистински да се почувствува мојата емоција, да се види која сум јас навистина, како и што имам во себе.kristina arnaudova 04Минатата година Кристина се испроба и како дизајнер на сопствена линија на чевли. Нејзините чевли можеше да се најдат токму во продажниот простор на Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Какви чевли би имала Пепелашка денес, доколку вие го правите нивниот дизајн?

АРНАУДОВА: Пепелашка треба и денес да изгледа како што изгледала секогаш, а и нејзините стаклени чевли немаат потреба од корекции. Совршени се.kristina arnaudova 05

Нашата прошетка во Скопје Сити Мол ја заокруживме со кафе и со желба за нова средба, посебно кога ќе стаса новиот член на нејзината семејна дружина.

Поврзани новости