Крис Никиќ испиша историја: За првпат лице со Даун синдром го заврши Ајронмен

by Fokus

Крис Никиќ, момче на возраст од 21 година од Флорида е првото лице со Даун синдром кое успешно го заврши триатлонот во издржливост Ајронмен, кој се состои од пливање на 3,8 километри, возење на велосипед на растојание од 180 километри и маратонско трчање на патека со должина од 42,2 километри.

На Крис му биле потребни 16 часа и 46 минути да го комплетира подвигот кој се одржа во Флорида.

-За Крис овој натпревар беше многу повеќе од лентата на финишот и од славењето потоа. Ајронмен беше еден чекор кој го однесе поблиску до неговата цел, да живее прифатен од сите. Тој е пример за другите деца и семејства кои се соочуваат со слични бариери, тој е доказ дека не постои недостижна цел или неостварлив сон – изјави за светските медиуми неговиот татко Ник Никиќ.

Пред натпреварот, Крис поминувал од четири до осум часа во ден, напорно тренирајќи.За време на викенд, еден ден со часови возел велосипед, додека другиот ден со часови трчал. Негов тренер е Дан Гриеб, кој зад себе има 16 успешни Ајронмен натпревари.

-За мене и за мојата сопруга најважно е Крис да биде вклучен во општеството, да има своја животна цел. Тој сака да се вработи, да има своја куќа, кола и да сретне посебна личност. Ајронмен го однесе еден чекор поблизу до остварувањето на соништата – порача неговиот татко.

Вики Клинчарова

Поврзани новости