Краткотраен дожд ја излеа Неготинска река, патници останаа заглавени во автомобилот цел час!

by fokus

Денеска околу 15 часот Неготино го зафати силно невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Само петнаесеттина минути откако започна да врне, се излеа Неготинска река во центарот на градот и предизвика застој во сообраќајот на главната улица ,,Маршал Тито”. Едно возило остана заглавено во водите, со патниците внатре околу еден час.

Ова не е прв пат реката да се излее од коритото за време на летните дождови. И лани, во август имаше иста случка во центарот на градот, кога по краткотрајните обилни врнежи дури неколку автомобили со патници останаа заглавени со часови, а пак голем дел од автомобилите паркирани пред зградите се наполнија со вода. Уште тогаш граѓаните на социјалните мрежи апелираа до градоначалникот и до надлежните служби да го исчистат коритото на реката, на почетокот на кејот. Но, по завршувањето на невремето беа измиени само тротоарите, додека талогот од околу половина метар остана да стои на почетокот на коритото. Истата слика остана речиси цела година.

Нанос од кал и земја стоеше на почетокот на кејот и денес, пред да започне невремето, па при првиот посилен дожд коритото се преполни и реката се излеа. Останува отворено прашањето дали граѓаните кои ги паркираат своите возила пред зградите на критичното место, на главната улица, при секој краткотраен дожд треба да стравуваат дека истите ќе им се наполнат со вода, бидејќи проблемот со години наназад не е решен.

Краткотрјаното невреме предизвика и прекин на електричната енергија во Неготино, кое е познато и како град без вода, поради децениските проблеми со водоводната мрежа и редовните рестрикции.

Вики Клинчарова

Поврзани новости