Крај на владеењето на Нетанјаху

by Фокус 00:19
00:19

Израелските пратеници денеска ја изгласаа новата коалициска влада, со што означија и крај на 12 последователни години владеење на Бенјамин Нетанјаху.

Новата влада која ќе ја предводи коалицијата „Промена“ обединува осум партии од левицата, центарот, десницата и една арапска формација.

- Advertisements -

Тие меѓусебе имаат идеолошки разлики и кревко мнозинство, за што доказ е и тесниот резултат од вечерашното гласање.

Владата беше изгласана со 60 гласови „за“, еден „воздржан“ и 59 „против“.

Официјалниот трансфер на власта треба да се случи утре во премиерскиот кабинет.

Според условите на договорот за коалиција, премиерската функција ќе ја преземе лидерот на десничарската партија Јамина, Нафтали Бенет, кој ќе ја води владата првите две години, а потоа ќе биде заменет со Јар Лапид од центристичката партија Јеш Атид.

Нетанјаху беше на власт од 2009 година. Покрај последователните 12 години владеење, премиерската функција тој ја извршуваше и од 1996 до 1999 кога стана најмладиот премиер на Израел.

71-годишниот политичар, не ја напушта власта тивко, заминува обвинувајќи ги своите противници за предавство на гласачите, а тврди и дека е жртва на заговор „длабока држава“.

Тој останува лидер на партија Ликуд и предводник на опозицијата, а во неговото денешно обраќање во парламентот вети дека неговата партија ќе се врати на власт под негово раководство.

Нетанјаху е соочен со судски процеси за корупција, проневера и злоупотреба на моќ во серија скандали.

Поврзани новости