Крадците на пчели незапирливи, пчеларите нудат пари за нивно откривање

by Fokus

Веќе подолг период пчелари од земјава се жалат дека дрски арамии им ги крадат пчелите. Стотици сандаци со пчели во изминативе месеци биле украдени од повеќе региони, а од крадците ниту трага, ниту глас. Пријави за украдени сандаци со пчелни семејства имало во Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола…

Пчеларите тврдат дека се работи за големи суми на пари, и како се сомневаат дека низ Македонија оперира организирана група на крадци, која има добро познавање од пчеларството.

-Крадците знаат како да го затворат отворот на сандаците, но и да им остават простор низ кој што ќе влегува воздух додека ги транспортираат украдените пчели. Сигурно доаѓаат и со заштитни одела, за да се заштитат од убодите. Не знаеме што се случува потоа со нив, дали го продаваат само медот или цели пчелни семејства, но факт е дека станува збор за поголеми суми на пари во секој случај – уште во месец мај раскажа за ,,Фокус” пчелар од Неготино, кој останал без шест сандаци со пчели, а кражбата ја пријавил во полиција.

Тогаш од ,,Пчеларско здружение – Неготински мед’’ ни изјавија дека МВР е информирано, и како очекуваат да се најдат крадците. Но, и по сите изминати месеци, кражбите продолжуваат, а очајните пчелари на социјалните мрежи нудат парични награди за секоја информација која ќе ги доведе до сторителите. Во текот на минатата ноќ на пчелар од Битола му биде украдени дури 15 пчелни семејства, и тој, како и повеќе негови колеги ја објавил веста на социјалните мрежи, потенцирајќи дека дава парична награда за информација која ќе му помогне да ги најде сторителите.

Како што тврдат пчеларите, еден сандак изнесува од 150 до 200 евра. Неофицијално, до сега се украдени неколку стотици пчелни семејства за неколку месеци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости