Крадат ама (без да) градат

by fokus 12:38
12:38

Пишува: Венко Глигоров

Неодамнешната изјава на Премиерот не ме остави само мене рамнодушен. Имено, со зачудување проследивме како за последните афери (скандали) Премиерот објаснува во стилот: Тие ми се соработници и тешко се наоѓаат луѓе. И додава дека се корегираа. На страна тоа што сите се прашуваат зошто веднаш не се корегираа туку откако беа фатени со спуштени гаќи!!!???

- Advertisements -

Контрадикторно ми е ова “вадење” на Премиерот бидејќи … Тој не пропушта да кажува дека Македонија е убава, дека има паметни луѓе, дека сите човечки капацитети треба да се искористат … а сега излегува дека не можел без имењакот, Кочо, Хари, Цвета и пар други што (не) се “прославија” последниве месеци.

Најдоброто јаболко, ако е црвливо, се отстранува од кошницата

Еве нека се и најдобрите како што кажува Премиерот. Како тоа тој во својот тим има луѓе кои според досегашното однесување, гледаат секоја прилика нивните блиски да ушиќарат од државнот буџет? Како очекува реформи од луѓе кои на прва кривина ќе гледаат да се омрсат по разни основи (иако веќе се поприлично замастени од претходно). Како да се верува на овие луѓе кои кажуваат дека не знаеле за аплицирањето на нивните блиски или компањони во бизнисот? Да им веруваме треба после сево ова?

Соработниците на Премиерот сакаат да кажат дека еден ко-сопственик во фирма ќе инвестира 200-300.000 евра пари од фирмата (вклучително ќе троши и лични пари од државниот функционер), на тоа ќе надодаде уште толку или повеќе од буџетот каде што директно или индиректно функционерот има влијание – и овој што седи во власта тоа нема да го знае???!!!! Зошто лажење?

Нека праша Премиерот дали во фирмите на неговата фамилија ги држат вработените и менаџерите на работа ако ги фатиле во лага или во злоупотреба во набавки? На пример, негов менаџер го фатиле како прави набавки од фирма во која негов роднина е сопственик, а можело да се набавува од друго место и по пониски цени? Ги држат таквите или се збогуваат со нив на прво “фаќање”? Нека одговори Премиерот на јавноста …

Периодот на Груевски кога велеше “Тој ми е соработник”

Се сеќаваме дека првите две години од претходната власт, периодот од 2006та до 2008ма година, беа фуриозно добри за македонската економија. Дека Македонија стигна и до отворена поддршка од Џорџ БУш за прием во НАТО. Но тогаш бевме толерантни на “малите” конфликти на интереси и ситните злоупотреби на буџетот. И се зезнавме. Требаше остро да делуваме веднаш. Подоцна кога почнавме да реагираме ни требаше на сите многу повеќе енергија и време.

Ќе ви кажам еден пример преку случка пред повеќе од 10 години. Јавно му укажувавме на тогашниот Премиер дека проектот “компјутер за секое дете” е мегаломански, не е обмислен добро и дека е голема можност за корупција. Во една прилика и лично му го објаснував ова и тој ми се обрати со следново: “Што да правам? Тој ми е соработник. Јас не се разбирам во тоа. Да го сменам ли? Кого да ставам? Имаш ли предлог?”

Ќе потсетам уште еднаш дека од 2006та до 2008ма година Владата на Груевски работеше беспрекорно да се “дигне” економијата и ретко кој бизнисмен имаше замерки. Дури со воодушевување се гледаше на мерките и активностите што се правеа. Се подобрија едно чудо закони, се отфрлија бесмислени уредби, се воспостави некаков ред во институциите за издавање дозволи, хендлање поплаки и слично. Но згрешивме што оставивме неколку сомнителни случаи без да реагираме до крај – како тој со компјутерите. И видовме што се изроди од тоа – монструозен апарат кој подоцна буквално газеше се’ пред себе на штета на останатите.

Да не создаваме монструм по втор пат – без градење

За да не се создаде нов монструм, за доброто на сите нас е да реагираме и да бараме смена на инволвираните лица. Разочарува фактот, а треба да не’ плаши ставот на Премиерот, кој не се разликува од ставот на неговиот претходник. Дали имаме втор дел и дали ќе дозволиме да ни се случуваат работи по втор пат?

Првите имаа оправдување “Крадат ама градат”, а овие вториве изгледа имаат однесување “Крадат ама без да градат”. Ние треба да им порачаме: градел или не градел, крадењето мора да го казнуваме (и не само на избори).

Оставки или промени

Мора да реагираме до крај за да се обесхрабрат тие што ќе дојдат после нив. Не смее да има толеранција на криминалот и конфликтот на интереси. Нула-толеранција. Крадењето и конфликтот на интереси секаде во светот го има, но ако некого фатат – нема толеранција. Премиерот (воедно и Претседател на владејачката партија) мора да направи резови на почетокот за да тргне замаецот. Освен на меѓународен план, внатрешната активност и економијата му се со многу скромни резултати – можеби и не е за изненадување ако неговите соработници тераат свои приватни интереси.

Затоа од Премиерот очекуваме да направи смел чекор … за доброто на сите.

Поврзани новости