Коѕијас смета дека треба да се награди оној кој предложил преименување на МПЦ во Охридска архиепископија

by fokus

Преименувањето на Македонската православна црква во Охридска архиепископија би требало да се поздрави. Би требало да им се даде награда на луѓето од Скопје за размислувањето, за храброста, одново да се вратат на нивното традиционално и непровокативно име, изјави грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас,  во интервју за ЕРТ, говорејќи за црковниот аспект на прашањето и ставот на Грчката православна црква.

Тој откри дека преговорите меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија траат веќе една година.

Шефот на грчката дипломатија, јави дописничката на МИА од Атина,  објасни дека Вселенската патријаршија разговара за признавање на Македонската православна црква под името Охридска архиепископија. Додаде дека името не е работа на Светиот синод на ГПЦ и добро би било да не се меша.

– Како граѓани ги засега, но како институција не е нивно прашање, рече Коѕијас.

Тој објасни дека кога ГПЦ одлучи да ги поддржи протестите на почетокот на годинава „Светиот синод знаеше дека се во тек преговори меѓу црквата на Скопје и Вселенската патријаршија и требаше да го почитува тоа“.

-Дали ќе се признае автокефалност или било што друго на една црква е прашање на Вселенската патријаршија, не е тема на Светиот синод на црквата на Грција, не е нивен предмет. Штом е почнато решавање на прашањето добро е да не се мешаат и нека остават да се реши, а уште подобро би било да го поддржат ова решение, рече Коѕијас

Поврзани новости