Коѕијас му се заблагодари на Димитров за гостопримството во „Вила Билјана“

by fokus

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, му се заблагодари на својот македонски колега, Никола Димитров, за гостопримството во охридската вила Билјана каде дипломатите на двете земји денеска одржаа средба. Коѕијас полн благодарност им кажа фала и на преведувачите кои асистирале во средбата, бидејќи, рече, им го направиле животот полесен.

-Да му се заблагодарам на мојот пријател Никола за извонредното гостопримство, бидејќи секогаш кога се среќаваме дискутираме за тешки прашања и освен темите кои ги решаваме добиваме и меѓусебно разбирање. Ќе се сретнеме во наредниот период, сигурно е дека ќе се сретнеме на 3 и 4 мај во Солун, а исто така ќе се сретнеме на 11 и 12 мај и таму ќе дискутираме иднината на Европа. Да изразам благодарност на дипломатите на двете земји, во кои разговори забележуваме напредок, посебно во рамката на заедничка соработка, но и на тешкото прашање кое се однесува на иредентизмот. Како што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање. Направивме позитивен чекор денеска и секогаш се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Секако бевеме соочени со големите и тешки проблеми, се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но тоа е работата на дипломатијата – рече Коѕијас.

Поврзани новости