Коѕијас: Бугарија не сфаќа дека во Северна Македонија се роди нова нација со свој јазик

by Fokus 11:27
11:27

Тонот на Софија во однос на бугарската блокада на европскиот пат на Северна Македонија го диктира членката на владината коалиција, екстремнодесничарската партија ВМРО – Бугарско национално движење на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, оценува поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за „Еурактив“.

– Бугарија не сфаќа дека во Северна Македонија се роди нова нација, која има свој јазик. Наместо да ја почитува и да придонесува кон мирот и пријателството на народите во регионот, Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, преправајќи се дека е „Херкул без мускули“, вели Коѕијас.

- Advertisements -

Тој посочува дека Атина го предупредила Европскиот совет оти Каракачанов „спроведува политика надвор од рамките на ЕУ“, откако бугарското претседателство со ЕУ постави споменик на лав во дворот на Националниот дворец на културата, кој држеше штит со картата на „Санстефанска Бугарија“.

Освранувајќи се на Договорот од Преспа, кој беше склучен во време кога тој беше грчки минситер за надворешни работи, Коѕијас вели дека тој бил постигнат затоа што Грција и Северна Македонија успеале да изградат доверба преку директни контакти, само со ограничено присуство на медијатори.

– Присуството на медијатор кој добро ја знае темата е потребно во одредени моменти, но не за време на целиот тек на преговорите, вели Коѕијас, додавајќи дека „крајно благородниот и ефикасен“ медијатор на ОН во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц, не бил присутен на две третини од преговорите.

Според него, присуството на посредникот понекогаш ги отежнува работите, бидејќи кога две страни преговараат пред трета, постојано се трудат да ја убедуваат во исправноста на своите позиции, што само придонесува за нивно зацврстување.

– Од друга страна кога двајцата преговараат директно, тие се поконкретни. Двете страни ги истакнуваат своите главни прашања и потоа разгледуваат можност како да ги сместат во пакет позитивен и за обете страни, додава Коѕијас.

Тој во интервјуто нагласува дека нападите врз него и неговото семејство, како и нападите врз неговиот тогашен македонски колега Никола Димитров, по потпишувањето на Преспанскиот договор, им помогнало да сфатат што се случува, имајќи предвид дека и во двете земји постоеја многу противници на каков било билатерален договор.

– Една вечер во Виена седнавме да разговараме за оние што нè напаѓаа. Сфативме дека прашањето не е меѓу Македонци и Грци, туку меѓу оние што не сакаат решение, т.н. професионалци за нерешавање и оние кои се обидоа да се придвижат кон логиката на добро решение, истакнува Коѕијас, кој и во неговата книга „Логиката на решението“ наведува дека во преговори не треба да се води борба, туку да и се докаже на другата страна дека постои заеднички интерес за продуктивно и креативно решение.

Поврзани новости