Коѕиас: Грција не сака да се распадне државата која има лош кум

by fokus

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас не го менува ставот дека кумот го згрешил името на Македонија. Откако настапи со истата позиција пред неколку недели во интервју за весникот „Катимерини“, Коѕиас одново го повтори во интервју за радиото „Алфа“ говорејќи за грчката надворешна политика, актуелните односи со македонската страна и мерките за градење доверба, јави агенцијата „Мета“.

Коѕиас ги оцени мерките за градење доверба особено корисни, посочувајќи дека помогнале да се подобри климата и да се разбие ставот дека Грција сака Македонија да се распадне.

„Креиравме мерки за градење доверба со Скопје, нашиот северен сосед и ги смиривме страстите, покажувајќи дека не држи вода ставот дека Грција сака оваа држава да се распадне или дека не ја сака државата. Она што јас го велам е дека добро е оваа држава што постои, но има лош кум и тоа се гледа од нејзиното име“, истакна Коѕиас за радиото „Алфа“.

Според грчкиот шеф на дипломатијата, владата на Алексис Ципрас води мудра надворешна политика која се заснова на јасни вредности и принципи. Истовремено, според Коѕиас работат и на решавање на отворените проблеми, а мерките за градење доверба со Македонија како што посочува, се само еден од примерите за тоа.

Поврзани новости