Се појави сериозна компликација во нашиот регион поради шовинистичкото чепкање во македонското прашање од страна на радикалните националисти на Бугарија, тие се или чисто десничарски, како актуелниот министер за одбрана, или некои други бугарски политичари што сакаат да ја поткрепат својата предизборна кампања и своите лични стратегии, пишува во колумна за Балканеу поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕиас, кој е потписник на Преспанскиот договор.
„„Изненадувачки“, некои во Атина ѝ „се восхитуваат“ на крајната десница во Софија и бараат Грција да тргне по нивните стапки и да им се потчини на нивните одлуки! На пример, да го поддржи бугарското барање окупацијата на тогашниот југ на Југославија да не се опишува како „фашистичка окупација“. Круговите „воодушевени“ од бугарската алт-десница треба да нѐ известат и дали Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација“, пишува Коѕиас.
Тој посочува дека „македонското“ прашање почна како внатресловенски конфликт.
„Доминантните (и историски будалести) раководства во Грција успеаја да го претворат во конфликт помеѓу Грција и Славомакедонците/Југославија. Некои публикации во Атина, се чини, сакаат да ја повторат оваа глупост. Со Договорот од Преспа Грција се ослободи од проблемот. Дипломатскиот естаблишмент во Софија буквално му „завидуваше“ на договорот. Ова се случи и покрај фактот дека тие први потпишаа „Договор за пријателство“ со Северна Македонија. Денес, про-Турците во Бугарија веруваат дека загубиле дел од својот „шовинистички наратив“ поради Договорот од Преспа“, пишува Коѕиас.
Тие, истакнува тој, тие поставија два нови услови за европскиот курс на Северна Македонија.
„Првиот услов е Северномакедонците да го прифатат фактот дека се Бугари. Тие се несвесни за етногенезата на новата словенска нација од 20 век, Славомакедонците. Тие, по Договорот од Преспа и уставните амандмани што следуваа, се приклучија во мултинационална држава што создава нова „нација на етникуми“ (како шпанската), која ја сочинуваат Славомакедонци, Албанци, Власи и други. Спротивно на историските случувања и факти, бугарските шовинисти се чини дека немаат чувство за просторно-временската реалност. Тие сè уште живеат во ерата на Комунистичката интернационала од меѓувоениот период“, смета Коѕиас.
Според него, бугарскиот фашизам, поради дивјачкото окупирање на територијата на денешна Северна Македонија за време на Втората светска војна, доведе до конечно отуѓување на Бугарија од Славомакедонците и, како што вели, му даде дополнителен поттик на раѓањето нова нација.
„Навистина е историска дрскост тоа што некои во денешна демократска Бугарија без двоумење се повикуваат на аргументите на бугарскиот варварски фашизам против Славомакедонците. Се разбира, глупаво е што некои во Атина го одобруваат тоа. Занемарувајќи ги историските реалности, шовинизмот што потекнува од мрачните векови на бугарската окупација бара Славомакедонците да бидат преименувани во Бугари. Тој сè уште живее во ерата на хематолошко-генетски определувања на нациите и допрва треба да се помири со фактот дека, денес, народите сочинуваат културно-политички субјекти со специфични права во сопствените институционални системи“, поентира Коѕиас.