Кожуф и Башкими одиграа срамен натпревар во 28. коло во Втората македонска фудбалска лига во кој, триумфираа гостите со 1-2 со гол во последните минути од средбата, кој беше буквално подарок на домашните фудбалери кои стоеја на терен за кумановци да дојдат до победа.
Погодокот кој ја шокираше фудбалска Македонија предизвика бура во домашната спортска јавност, а со свој став се огласи и Фудбалската федерација на Македонија од каде информираат дека „по целосните извештаи од официјалните лица на натпреварот, ќе бидат преземени сите мерки во рамките на нашата надлежност. Во соработка со МВР и надлежните институции ќе биде преземено се што е потребно ваквите случаи да добијат соодветен епилог“.
А, дека Башкими во договор меѓу двете екипи треба да победи беше очигледно и низ ситуација претходно на натпреварот во која повторно домашните беа „замрзнати“ на терен, но гостите во тој случај не успеаја да погодат.
По реакцијата на Фудбалската федерација на Македонија која најави санкции, се огласи и Министерот за Спорт, Борко Ристовски кој истакна дека ако се потврдат сомнежите за некакви неспортски активности, Кожуф ќе остане и без лиценцата за дејноста спорт.
„Ќе ги почекаме извштаите од ФФМ и доколку се потврдат сомнежите на фудбалскиот клуб Кожуф по итна постапка ќе му биде одземена дејноста спорт“, објави Ристовски на социјалните мрежи.
Ваква казна ќе значи исфрлање на Кожуф од сите рангови на професионалниот фудбал во Македонија.