Ковид приказни од Тиквешијата: На респиратор се борат за живот, и не знаат дека блиски им починале од вирусот!

by fokus

На секакви тешки судбини се изнагледавме изминатиот период, пациенти на кои преку ноќ нагло им се влошува состојбата и им нема спас од вирусот. Имавме неодамна случај кога беше хоспитализиран брачен пар, здравствени работници во своите рани 60-ти години. Поради тешки симптоми на болеста, веднаш беа препратени на скопските клиники. Жената почина таму, додека нејзиниот сопруг е на респиратор, се бори за живот и не знае дека ја изгубил сопругата – за ,,Фокус” раскажуваат медицински лица, вработени во кавадаречката болница, во чиј склоп функционира Ковид центарот.

Ова е само една од низата на животни приказни за која сведочат медицинарите. Веќе неколку семејства од Кавадарци и од Неготино, ја имаа таа несреќа да изгубат и по неколку членови од фамилијата, кои биле инфицирани со корона вирус.

Велат дека моментално има два такви случаи, кога едниот сопружник починал, а другиот е во тешка состојба на клиника и не знае за трагедијата која го снашла.

Имаше случај кога сопругата почина од вирусот, а по околу шест месеци и нејзиниот сопруг се инфицирал и ја изгуби битката.

Исто така, во рок од три дена повозрасен брачен пар ја изгуби битката, додека речиси сите членови на фамилијата се лекуваа. Сега, кога се оздравени, велат дека жалат што не успеале ниту достоинствено да си ги погребаат родителите.

-Ги погребаа луѓе кои не се ниту наши роднини, колку да се спази редот, според протоколите. Тоа е една тежина која секогаш се носи во себе, но и останува прашањето – Зарем мораше вака да биде, можеше ли ова некако да се спречи? – велат тие.

Минатата година во Кавадарци се случи од вирусот да починат двајца браќа во своите рани дваесетти години, кои имале и друго хронично заболување, а набргу потоа почина и нивниот дедо. И во Неготино двајца браќа ја изгубија битката со болеста минатата година, во рок од шест месеци.

-Сопругот се лекуваше дома. Ноќта, нагло му се слоши. Во пижами, не стигна ниту да се облече, го однесовме во болницата во Кавадарци. Набрзина се поздравивме, не стигнавме ниту да си кажеме се што имавме… Веќе не го видов, почина, толку беше – раскажува неготинчанка чиј сопруг не се избори со вирусот кон крајот на минатата година.

Има случаи кога вирусот однел блиски роднини, братучеди, бидејќи цели семејства биле инфицирани.

Од почетокот на пандемијата во Тиквешко од последици од Ковид-19 починаа дури 175 лица. Од нив 116 се од Кавадарци, 48 од Неготино и 11 од Демир Капија.
Се инфицираа дури 7.344 лица, од кои 4.880 во Кавадарци, 2.075 во Неготино и 389 во Демир Капија.

Моментално се активни 910 случаи, од кои 587 во Кавадарци, 269 во Неготино и 54 во Демир Капија.

Според податоци од Институт за јавно здравје, од 5-ти до 11-ти април поради компликации од корона вирус починале 276 лица од земјава.
Во тој период регистрирани се 6.867 нови случаи на вирусот од 35 градови. Најголем дел од нив се од Скопје (2.857 – 41,6%), со неделна инциденца 462,6 / 100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци со 525,2 / 100.000.

Foto Cecilia Fabiano/LaPresse via AP

Вики Клинчарова

Поврзани новости