Ковид-19 ја намали продажбата на недвижности, цените непроменети

by Fokus

Од Агенцијата за недвижности Флокс велат дека во текот март, април и половината од мај биле целосно затворени, колку што можеле работеле од дома, а интересот за купување и изнајмување бил сведен на минимум и немало реализации. Втората половина на мај кога повторно ја отвориле агенцијата забележале раздвижување на пазарот, односно имало интерес за купување, но не и за изнајмување.

-Можам слободно да кажам дека интересот за купување беше со поголем од очекувањата, односно речиси ист како во периодот пред епидемијата. Таквиот интензитет на побарувачката можам да претпоставам дека се должи или на тоа дека после еден подолг период на стагнација наеднаш се јавија сите потенцијални купувачи кои што во текот на март и април го одложуваа купувањето, или пак граѓаните покажаа зголемен интерес за вложување на средствата во недвижности како посигурна инвестиција споредбено со чувањето на готовина. Интересот за изнајмување на недвижности е сведен на минимум, изјави за МИА Билјана Василевска од Агенцијата за недвижности Флокс.

Од средината на мај откако повторно работат регистрираат дека се купуваат претежно станбени објекти, а закупот е сведен на минимум.

-Промени во цените во изминатите месеци не се забележани. Нашите прогнози се дека доколку се смири епидемијата, поголеми промени како резултат на она што досега ни се случуваше со епидемијата ќе нема. Но, не сме сигурни како во иднина ќе се развиваат работите во однос на економијата, така што постои неизвесност, забележува Василевска.

Слични се констатациите и на останатите агенции за недвижности, економско-здравствената криза има првично влијание на состојбата на пазарот на недвижности во главниот град, но ударот засега не е преголем иако има зголемена понуда и намалена побарувачка. Некои од нив имале добар старт во работата на почетокот на годината, па првичниот кризен период го поминуваат без значителни проблеми, но и тие потенцираат дека останува неизвесноста од натамошниот тек на справувањето со Ковид-19, како и политичката состојба.

Податоците на агенциите покажуваат дека метар квадратен станбена површина во најатрактивните општини во главниот град, Центар, Аеродром и Карпош и натаму се движат околу 1.150 евра. Најбарани се становите од 40 до 50 метри квадратни со една спална соба и се продаваат уште во текот на градбата, а без проблем се продаваат и тие од 50 до 60 метри квадратни.

Регистарот на цени и закупнини, пак, покажува дека во првиот квартал годинава на пазарот на недвижности се регистрирани вкупно 7.158 трансакции, за 112 повеќе споредено со четвртиот квартал лани. Најмногу имало во февруари,  2.557, а најмалку во март и тоа 2.185. Во јануари се регистрирани 2.416 трансакции. Во првите три месеци од годинава во Регистарот на цени и закупнини се впишани 4.043 купопродажби на недвижности, 719 продажби од инвеститор и 153 откупи од државата. Во овој квартал се регистрирани и 20 продажби на недвижности по пат на лицитација. Евидентирани се 2.223 закупи на целата територија на државата што во однос на закупите од претходниот квартал за 134 трансакции.

Според Извештајот од Регистарот, во првиот квартал годинава во државава се продадени 719 новоизградени станови што е за 162 станови помалку од четвртиот квартал во 2019 година. Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со март, на целата територија на државата има 6.432 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 390 станови.

Податоците за првиот квартал годинава покажуваат дека најскапи се становите во Општина Центар, каде просечната цена по метар квадратен изнесува 59.820 денари, по што следат Општина Карпош со 57.457 денари, Општина Аеродорм со 54.845 денари и Кисела Вода 52.859, Општина Охрид каде изнесува 42.671 денар. Во Општина Ѓорче Перов  просечната цена изнесува 41.447, а во Општина Гази Баба 38.648 денари.  Во Битола просечната цена изнесува 34.381 денар, во Струмица 32.861, Куманово 32.382, Штип 32.287, Струга 28.787. Кочани 25.376.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во април годинава се издадени 173 одобренија за градење, што е за 27,9  проценти помалку во однос на април лани. Најголем број, 36, има за Скопскиот регион, по што следи Полошкиот со 25, додека во останатите региони бројката се движи од 15 до 18.

Извор МИА

 

Поврзани новости