Ковид-19 го одложи денешното рочиште за „Тврдина-Таргет”

by Fokus

Обвинетиот Васил Исаковски во случајот „Тврдина-Таргет” е позитивен на Ковид-19, поради што е одложено денешното рочиште за овој предмет за масовното незаконско прислушување.

Според здравствените протоколи обвинетиот Исаковски, до 21 ноември нема да може да присуствува на закажените рочишта, односно до овој датум во Кривичен суд Скопје, нема да се води постапката по овој предмет.

Судијката Џенета Бегтовиќ, која го води процесот, имајќи ги предвид новите околности и големиот број на оштетени кои треба да се произнесат за овој предмет, им предложи на обвинителите да дадат мислење за издвојување на постапката за против обвинетиот Исаковски.

Но, еден од застапниците на обвинението, обвинителот Трајче Пеливанов, даде негативно мислење, со образложени дека домашната самоизолација на обвинетиот Исаковски, ќе трае уште осум дена.

Воедно, на денешното рочиште во својство на оштетени беа повикани да сведочат околу 40 лица, меѓу кој новинари, лица од јавниот живот и поранешни вработени во МВР.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Поврзани новости