Ковакс: БиХ не обезбеди соодветно чување на вакцините и затоа нема да ги добие ниту во март

by fokus

Механизмот Ковакс соопшти дека БиХ е виновна што не ја доби ветената количина вакцини од компанијата Фајзер против коронавирусот, бидејќи не ги исполнила посебните барања на американскиот производител.

Иако многу земји веќе го почнаа процесот на вакцинација, БиХ едвај го започна и нема да прими никакви вакцини преку механизмот Ковакс ниту во март, според писмото кое го доби Министерството за цивилни работи на БиХ од Ковакс, пренесува порталот Балкан инсајт.

Како што се наведува, БиХ била информирана на 29 јануари дека ќе прими 23.400 дози вакцини Фајзер, но иницијативата Ковакс наведува дека БиХ не ги исполнила условите за чување на вакцините, односно дека не обезбедила складишта со ниска темпаратура, но и некои обврски од правен и административен аспект.

„По неколку разговори со Фајзер во последните три недели, со жалење ве известуваме дека испораката на овие дози, кои требаше да бидат доставени во првиот квартал од оваа година, ќе се одложи до исполнувањето на дополнителни барања на Фајзер за длабинска анализа “, се вели во писмото.

За да помогне во решавањето на проблемот, Ковакс понуди да ги олесни разговорите меѓу претставниците на БиХ и Фајзер.

Од друга страна, Министерството за цивилни работи на БиХ инсистира на тоа дека ги исполниле сите свои обврски.

Босна и Херцеговина очекуваше 1,23 милиони вакцини од програмата Ковакс, што е доволно за околу 20 проценти од нејзиното население.

Поврзани новости