Предлогот кој владата на Ковачевски го прифаќа е неприфатлив за Македонија, народот, интелектуалците, општествените чинители и експертската јавност гласно кажуваат дека овој предлог за почеток на преговори е штетен за Македонија и води кон две сценарија кое од кое полошо за државата – вечно преговарање или асимилација по диктат на Бугарија, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки денеска пред Владата.
-Овој предлог преставува ултиматум кој во себе ги содржи сите бугарски барања. Тоа кое што владата се обидува да го протне како голем успех, е всушност голема дипломатска катастрофа. Рамката во себе содржи Протоколи или ако сакате Годишни извештаи преку кои Бугарија ќе има директно влијание и учество во менувањето на учебници, споменици, ќе влијае кон менување на историски факти за настани и ликови кои директно задираат на само во македонската историја, туку и во македонскиот идентитет – рече Ковачки.
Според него, ова се понижувачки и недостоинствени позиции за Македонија.
-Друг да диктира лекции во учебниците, друг да диктира измени на Устав, друг да диктира дали некоја критика е говор на омраза или не. Понижување и порази. Очекуваме Владата да се вразуми. Десетици илјади граѓани секој ден јасно и гласно кажуваат ултиматум, Не благодарам – рече Ковачки, кој повикува граѓаните и денес во 19 часот да излезат на протест.