Парното греење во Скопје ќе го преземе државата, кажа премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
Тој на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им рече дека во нивно време и од нивниот премиер парното во Скопје било продадено на фирма од Кипар и ги повика таму да прашаат зошто е тоа направено.
„Компанијата којашто управува е приватна, којашто е регистрирана во Кипар со 5.000 евра влог, а за тоа ќе мора да прашате која е таа компанија, кој ја избрал, како ја избрал, кај вас во партија. Затоа што во тоа време е дадена компанијата. Дали се тоа руски олигарси, дали не се руски олигарси, дали целиот систем го имаат заложено во банките во Луксембург, ќе морате таму да прашате”, рече Ковачевски.
Пред два дена, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска ги одзеде лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. Минатата недела беше одземена лиценцата за производство на топлинска енергија, што значи дека БЕГ веќе ќе нема никаква врска со парното греење во Скопје.