Ковачевски во Охрид е домаќин на дијалогот меѓу Србија и Косово, покровителството е на ЕУ

by Fokus

Денеска во Охрид во организација на премиерот Димитар Ковачевски, а под покровителство на Европската унија, ќе се одржи средба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти. Ова е продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Жозеп Борел, високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе се обидат на Вучиќ и на Курти да им ги приближат решенијата што ги предлага Западот во насока на патот кон нормализација на меѓусебните односи.

Официјален Брисел очекува на средбата да се усогласат ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред патувањето за Охрид изрази надеж дека ќе имa пристоен разговор, со можност да се придвижат работите, но и дека не доаѓа тука со пораки, бидејќи кажал се што имал пред специјалните претставници за дијалог од ЕУ и од САД, Мирослав Лајчак и Гарбиел Ескобар.

Косовскиот премиер, Албин Курти, и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар во Приштина разговараа за денешната средба во Охрид, при што Курти им се заблагодари на САД и на Ескобар за нивната посветеност и придонес во дијалогот меѓу Приштина и Белград.

Владата во Приштина соопшти дека предлогот на ЕУ е „прифатен од Косово како добра основа и солидна платформа за движење напред кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со взаемно признавање “.

Косово прогласи независност од Белград во 2008 година, што беше призната од повеќето земји на ЕУ, со исклучок на Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Кипар.

Од 2011 година Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инциран и предводен од Брисел.

Во 2013 година тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес.

Инаку, за денешната средба има голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, акредитирани се 230 новинари и сниматели.

За време на одржувањето на состанокот на подрачјето на Охрид на сила ќе бидат соодветни безбедносни мерки, со физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти.

Поврзани новости