Владините мерки не се за удобство на државна и општинска администрација, не се за за некој да седи по канцеларии, си вари кафиња и си чита весници, овие мерки се за граѓаните, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.
Тој побара од општините да си поднесат потребно барање за комуналните претпријатија за снабдување со вода, за основни и средни училишта.
-Во време на криза се финансира солидарност, а не изобилие и удобство – рече Ковачевски.
Притоа, тој се пошегува на своја сметка кога после него како говорник беше најавен министерот за економија, Крешник Бектеши.
Додека премиерот ја напушташе говорницата, а кон неа се упатуваше министерот, Ковачевски рече: „Како беше: Стани Крешник“.
Премиерот го „стана“ Бектеши кога јавноста и социјалните мрежи се преплавени со коментари и шеги откако тој на ист начин досега прозва уште двајца министри во неговата влада.
На партиска трибина на СДСМ, Ковачевски ги повика да станат министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, и министерката за одбрана Славјанка Петровска.