Ковачевски не го видел твитот на Вархеји за францускиот предлог

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски на барање на дописничката на МИА од Брисел да го искоментира денешниот твит на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со кој објави дека во преговарачката рамка влегуваат сите барања на Бугарија, одговори дека не го видел тој твит.

-Не отворам твитер кога сум службено ангажиран. Можеби можам подоцна да ви одговорам на ова прашање, одговори Ковачевски на заедничката прес-конференција со Еди Рама и Александар Вучиќ.

Потоа додаде:

-Да се праша можеби тој што го пишал твитот што значи тоа.

Утринава, непосредно пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, додека државниот врв тврдеше дека уште го нема видено францускиот предлог за отворање на преговорите со ЕУ, еврокомесарот ја соопшти мистеријата.

-ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Моментот за одговорни одлуки е сега. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска унија. Заедно ќе бидеме посилни, твитна Вархеји.

Рама иако е разочаран и јавно го искажуваше цел дена своето разочарување затоа што како што рече, ЕУ не може да ослободи две земји киднапирани од нејзината членка Бугарија, сепак во свој стил изрази надеж дека Албанија и Македонија ќе дојдат до членство во ЕУ до крајот на овој век.

Поврзани новости