Ковачевски: Лесно е некој да брани национални интереси дома

by Fokus

Не треба да има предвремени парламентарни избори. Во однос на националните интереси на сите граѓани на Република Македонија, ние во моментов имаме Влада која се грижи за националните интереси, за достоинството на сите граѓани без оглед на тоа од која етничка, верска и национална припадност доаѓаат, истакна премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање на пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Истото, посочи Ковачевски, тоа се случи и во изминатиот период кога националните интереси на Република Северна Македонија согласно одлуките и резолуциите донесени во ова Собрание беа застапувани од сите членови на Владата без оглед дали тие се Македонци, Албанци, Турци или од која било друга национална припадност.

– Тоа се потврди минатата недела кога на принципиелен начин ние ги искажавме нашите ставови пред сите наши партнери во ЕУ и пошироко. Меѓутоа, тоа не може да биде еднакво на однесувањето на опозицијата на Конгресот на Европските народните партии кога беше донесена резолуција во која се вградени барањата во однос на негирање на националниот и историскиот континуитет на Македонците и на тоа носењето на таа резолуција присуствуваше делегација на највисоко ниво на вашата партија. Никаде не видовме ниту прес-конференција во која сте се спротивставиле, ниту видовме записник, ниту говор, ниту нешто дека сте направиле против тоа. Лесно е некој да брани национални интереси дома, но кога треба да се бранат националните интереси пред 27 земји, тогаш очигледно на некого му е тешко, а некој тоа мора да го направи како што јас, претседателот на државата и коалициските партнери го направивме, рече Ковачевски

Поврзани новости