Ковачевски ја сподели биографијата откако ВМРО обвини дека нема диплома од Харвард

by Fokus

Новоизбраниот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски кој се уште е и заменик министер за финансии ја сподели својата биографија откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека на Харвард завршил само курс. Вели дека за време на кампањата на внатрепартиските избори воопшто не зборувал за образованието и професионалните усовршувања.

-Денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое намерно се изнесуваат невистини, ме принудува да го споделам моето резиме, а со тоа и вистината за образованието и вештините кои ги имам стекнато во животот. Тие се транспарентно објавени на повеќе места на интернет, вклучително и на сајтот на Министерството за финансии. Како што пишува, имам стручно усовршување на Харвард, а такви усовршувања имам уште на три други универзитети во Ротердам, Барселона и Минхен. Точно стои каде сум дипломирал, магистрирал и докторирал, пишува Ковачевски и го споделува овој линк.

Претходно преку соопштение опозициската ВМРО-ДПМНЕ праша дали е точно дека Ковачевски курсот на Харвард го прикажувал како факултетска диплома.

-Ако е точно, тогаш направил класична лага и манипулација на јавноста, бидејќи ваквиот курс е скапо платена кратка едукација платена со неколку десетици илјади евра, со кој може да се стекне секој граѓанин со завршен факултет во земјава, само доколку има доволно пари за него за да може да плати и да го посетува. Во тоа се гледа очајот на Заев да најде продолжувач на заевизмот, па мораше да го преставува Ковачевски како студент од Харвард за да звучи уверлив, а тој бил само курсаџија. Пиунот Ковачевски од курсаџија стана главен адут на Заев. Тажно, но вистинито, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости