Ковачевски ги вознемири штипските бизнисмени со најавата за отворање на странска фабрика: Ќе ни ги земат работниците!

by fokus

Штипските приватници не се воодушевени од најавената голема странска инвестиција која ќе се отвори во Технолошки-индустриската развојна зона во Штип.

Се работи за инвестиција на канадската компанија Magna International Inc. која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот.

Според премиерот Димитар Ковачевски, во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори фабрика каде тест производство се планира да биде годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година. Инвестицијата била вредна 40 милиони евра и во првата фаза ќе донесела 600 нови работни места.

Но, бизнисмени од Штип кои имаат свои приватни компании, стравуваат дека странската фабрика ќе им ги земе работниците.

-Ова е голема конкуренција за нас, и секако дека работниците ќе ни се одлеат во странската фабрика. Додека ние се мачиме да најдеме квалитетна работна сила и да опстаниме во овие тешки времиња, преку ноќ може да останеме без работници- велат штипски приватници.

-Имам мал приватен бизнис кој со години се трудам да го одржувам. Вработувам помалку од десет луѓе, и навистина е предизвик да се најде добар работник. Ќе ги обучиш за работа, ќе вложиш труд и време, и на крај ќе гледаш како ти заминуваат во странска фабрика – за ,,Фокус” појаснува приватник од Штип.

На страниците посветени на градот, според коментарите кои ги оставаат штипјани, исто така нема воодушевување од најавената инвестиција. Најчесто граѓаните прашуваат која ќе биде платата во фабриката, и дали кога станува збор за странска фабрика, во случајов канадска, и платите ќе бидат според тамошниот стандард, или пак работникот ќе работи за 350 евра месечно.

-Нека се отвори странска фабрика, но да не се потценува трудот на нашиот работник. Ако во странство платите се неколку илјади евра месечно, понижувачки е за истата работа овде странските компании да плаќаат 20.000 денари. Нека ни дадат плата од 1.000 евра, па сите ќе бидеме задоволни. Инаку, потценувачки е да не гледаат како евтина работна сила – реагираат штипјани.

Слични беа реакциите и во Кавадарци, кога пред десеттина години таму се отвори германската компанија Дрекслермајер, каде се произведуваат кабелски сетови за автомобилската индустрија.
На почеток најмногу негодуваа приватниците, кои се жалеа дека ќе останат без работници, но и дека на оние кои веќе ги имаат ќе треба да им ги зголемат платите, за да не им бегаат во германската фабрика.

Денес во фабриката има околу 6.000 вработени, а работниците се од Кавадарци, но и од Неготино, Демир Капија, Градско, Росоман и Велес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости