Ковачевски до Гутереш: Крајната цел на владата е да воведе значајни промени во животот на нејзините граѓани

by Fokus 21:18
21:18

Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на која изрази благодарност за ангажманот на ОН во Република Македонија и нагласи дека соработката ќе продолжи со зголемен интензитет, особено во имплементирањето на новите стратешки цели за одржлив развој за периодот 2021-2025 година.

Како што информира владината прес-служба, на средбата на маргините на 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, премиерот истакна дека ангажманот на ОН во Република Северна Македонија е мошне важен за јакнење на капацитетите на земјата во клучните сектори и за унапредување на реформите. Тој изрази надеж дека соработката со ОН ќе продолжи и во иднина со цел обезбедување поддршка за нашите развојни цели во контекст на нашите евроинтеграциски аспирации.

– Реформите во областите на доброто владеење, борбата со корупцијата, реформите во судскиот систем, како и јакнењето на социјалната кохезија, ќе бидат приоритетите на земјата. Крајната цел на Владата е да воведе значајни промени во животот на нејзините граѓани, да ја подобри легислативата, да ги зајакне капацитетите и ефикасноста на институциите, истакна премиерот.

Владината прес-служба соопшти дека на средбата е потврдена нашата силна заложба за јакнење  на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици како руската агресија врз Украина, климатските промени и недостатигот од храна.

-Владата на Северна Македонија, како што беше посочено, е целосно посветена на имплементација на Агендата 2030, којашто се однесува на целите за одржлив развој на ОН и нејзина интеграција во националните стратешки документи и планови. На средбата со генералниот секретар Гутереш, премиерот Ковачевски изрази интерес и за зголемено учество на нашата земја во мировните операции на Обединетите нации. Република Северна Македонија, истакна Ковачевски, е активен партнер на меѓународните антитерористички коалиции и ќе продолжи да придонесува кон меѓународните заложби за борба против тероризмот, се наведува во соопштението.

Дополнителен доказ за нашиот ангажман во правец на зацврстување на мирот и стабилноста, додаде премиерот,  е и нашето претстојно претседателство со ОБСЕ наредната година, за кое интензивно се подготвуваме во време на голема нестабилност предизвикана од руската воена агресија врз Украина.

-Ковачевски во оваа прилика истакна дека како претседавач на ОБСЕ ќе ги искористиме сите ресурси и механизми на оваа организација, со цел да се намалат тензиите и да се воспостават канали на комуникација и критички дијaлог. На средбата беше разговарано и за Преспанскиот договор како пример кој имаше исклучително позитивно влијание врз билатералниот и регионалниот развој на Република Северна Македонија и Грција, и чија имплементација и пошироко беше оценета како историски чин, наведува прес-службата на Владата.

Поврзани новости