Костовски во Собрание: Парите, како и полжавот имаат трага, но со стечајот се кријат

by fokus

Се работи за големи пари и за голем криминал. Парите, како и полжавот имаат траги. Со стечајот фактички трагите се кријат, ако сакате да учествувате сите заеднички во ваквото покривање на криминал, повелете порача на Надзорната расправа во Собранието, мнозинскиот акционер во Еуростандард банка, Трифун Костовски.

Според него, станува збор за организиран криминал, што почнал не пред една година, туку многу порано. Тој нагласи дека и претходно состојбата на банката била десет пати полоша отколку во моментот кога е донесена одлука за стечај, како и дека одлуката е донесена без функционално Собрание како највисоко тело кое ја контролира работата на Народната банка и без формирана Влада.

Костовски не се амнестираше од одговорноста и рече дека е виновен што како претседател на Надзорниот одбор не ја следел состојбата со кредитното портфолио.

– Бевме излажани како членови на Управниот одбор, затоа што на челото имавме човек што ни кафе не пие, што го сметавме без ниту една дамка, но тоа не било така, рече Костовски.

Тој реагираше на прашањето дали знаел за пласмани во фирми блиски до СДСМ.

– За мене нема СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Јас сакам под едно знаме мирно да живеам овде. Немојте овде пред мене да ги изнесувате тие ваши препукувања, порача Костовски.

Во Собранието во тек е расправата за пропаст на Еуростандард банка.

Поврзани новости