Костовски: Со парламентарните и локалните избори да се одржат и предвремени претседателски

by Фокус

Се потврдуваат нашите стравувања, дека власта, дали преку брзање кон избори или неуставни одлуки, се обидува да го укине СЈО, кое веќе поведе постапки, согласно индициите од прислушкуваните разговори, реагираат од Здружението на граѓани „Човекот пред сè“ на бизнисменот Трифун Костовски.

Тој изразува безрезервна поддршка на СЈО и бара одложување на изборите, како и формирање на експертска влада, со широка политичка поддршка.

„Здружението на граѓани „Човекот пред сè“, ги поздравува слободоумните граѓани, кои протестираат во име на правдата и слободата. Претседателот Ѓорѓе Иванов го постигна спротивниот ефект на неговата првична цел, која се однесуваше на националното помирување. Земајќи ги предвид негативните импликации врз општествените текови и целокупната атмосфера во државата, бараме негова итна оставка, избор на експертска влада и одложување на изборите. Со вчерашната нелегитимна и неправична одлука на Иванов, за аболиција на сите политичари, кои сториле разни видови на криминал, како кршење на човековите и уставните права, корупција и изборни измами, се потврди и неговиот нелегитимитет – информираат од Здружението.

Тие бараат да се свика вонредна собраниска седница за измена на одлуката за распуштање на Собранието и да се поведе постапка за импичмент на Ѓорге Иванов, како претседател.

– Уште еднаш ја потенцираме важноста на нашето барање: со заедничките парламентарни и локални избори, би требало да се одржат предвремени претседателски избори, следната пролет – велат од граѓанското здружение „Човекот пред се“.

Поврзани новости