Костадиновска-Стојчевска: Изјавата ја извадија од контекст – уметниците творат и ќе творат, цензура не постои

by Fokus

По реакциите во јавност за мојата изјава во интервју за Гласот за Америка на македонски јазик, сакам да потенцирам дека е извадена од контекст и имам обврска да потенцирам дека цензурата на македонските уметници ниту имала ниту ќе има.” вели за Фокус Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура.

Таа додаде дека „ЦЕНЗУРАТА е одлик на минати општества или минати власти и неа не и е местото во 21век, во земја кандидат за полноправно членство во ЕУ.

– Цензурата е феномен кој се коси со демократијата и слободата на говор во која денес и тоа како уживаме! Токму затоа, мојата изјава започнува со зборовите “Слободно нека творат!” – вели таа.

Таа истакнува дека како министерка, се додека е на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура.

– Исто така, сакам да сум апсолутно јасна, додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања. Доколку изјавата која денес е цел на “слободни” толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е. Намерата апсолутно не е да се насочува или ограничува, напротив, мојата интенција секогаш била и ќе биде поддршка на слободната мисла и изразување.” – истакна таа.

Министерката ни посочи слободата на уметникот е огромна. Таа е неприкосновена. Таа слобода НИКОЈ не може да ја ограничи. И тука, никој не треба да има дилеми.

С.Т

Поврзани новости