Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ со илјадници амандмани ги блокира демократските процеси во државата

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивното работење и однесување во Собранието, кочејќи ги важните закони. Партијата работи на штета на граѓаните и на штета на демократските процеси во нашата држава, изјави денеска на прес-конференција пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.

– Во еден ден ВМРО-ДПМНЕ поднесува илјадници амандмани на повеќе законски предлози со единствена цел да ги блокира реформските процеси во Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ со 970 амандмани сака да го блокира Предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители за да обезбеди заштита на криминалот што го правеа функционерите на оваа партија и да спречи какви било реформи во правосудството, изјави Костадинов.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ поднела над четири илјади амандмани за Предлог-законот за јавнообвинителска служба, со што, како што рече, ги загрозува доказните материјали во процесите што се водат против нејзини членови. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски се против секоја реформа во правосудството и оти со илјадници амандмани ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат собраниската дебата за измени во Изборниот законик.

Прашан за големиот број амандмани поднесени од ДУИ за Изборниот законик, Костадинов ги повика сите политички партии и политичари да размислат и сите да се вложат во, како што рече, име на демократијата и демократизацијата на изборните процеси во државата кои ги бараат граѓаните.

– Апелираме амандманите да се повлечат. Да влеземе во суштинска дебата и конечно да го промениме Изборниот модел за кој се залагаме сите во изминативе години, посочи Костадинов.

Тој повика и нивниот коалициски партнер – ДУИ да размисли, да го преиспита чекорот и да ги повлече амандманите до почеток на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и да има суштинска дебата.

– Со промена на изборниот модел сите добиваме, пред се граѓаните, затоа треба сите да се ставиме во функција на граѓаните, смета Костадинов.

Поврзани новости