Костадинов: Она што се случи во Тимјаник е последица на долги години на разградување на системот на вредности!

by fokus

Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов денеска по случувањата во село Тимјаник, каде селаните јавно пред министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска порачаа дека децата со посебни потреби не се добредојдени во нивната околина, изјави дека Општина Валандово е подготвена да отстапи простор за лицата со попреченост.

Според него, без оглед на различностите, сите заслужуваат исти шанси за подобар живот.

Неговата изјава предизвика позитивни реакции и поддршка од јавноста. За ,,Фокус’’ тој вели дека и покрај се што се случи во Тимјаник, верува како во Македонија постојат и многу широки срца.

-Денешните случувања во село Тимјаник се само последица на долгогодишното разградување на системот на вредности.
Не треба да бидеме зачудени воопшто, како нација сме соочени со целосна дехуманизација на граѓанството и обземени од банално зло и неоснован страв. Човек на човек гледа крв и за непријател го смета секој што е различен од себеси.
Ова е тажно, меѓутоа не и безизлезно. Во Македонија има и многу широки срца.
Во иднина, добродетелта, љубовта и толерантноста мора почесто да ги поставуваме на пиедесталот и да бидат пример кој се следи. Од таа причина денес го повикав министерството да изгради дневен центар за деца со попреченост во Валандово.
Сакаме да го обезличеме стравот од различното и да потврдиме дека е неоснован. Ќе ги прифатиме овие дечиња и целосно ќе се вложиме во нивната квалитативна инклузија во заедницата. Ќе докажеме дека со нив покрај нас, нема да изгубиме ништо, напротив, ќе добиеме многу – изјави Костадинов за ,,Фокус’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости