Костадинов: Не може да има амнестија за оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април

by fokus

Треба да се  направи разлика помеѓу оние што нарачале и оние што извршиле насилство и оние кои биле во еуфорија во Собранието за време на настаните од 27 април, вели пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов објаснувајќи го ставот на владејачката партија во врска со тоа што е прифатливо за нив во однос помирување и амнестија на учесниците на овој настан.

Костадинов денеска на прес-конференција во Собранието запрашан во врска со тоа дали е изготвен нов закон за аменстија од страна на координативното тело за помирување кое најави состанок за среда, рече дека очекуваат во најскоро време од страна на пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ да произлезат, како што кажа, „насоките и формите за тоа како би се случувало помирувањето“.

Во однос на денешното гласање против ставање на дневен ред на предлог-закон за амнестија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Костадинов повтори дека мнозинството пратеници сметаат дека одговорност за насилството од 27 април мора да има.

– Не смее и не може да има амнестија за оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април, рече Костадинов.

Законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го доби потребното мнозинство да биде ставен на дневен ред на денешната 66 пленарна собраниска седница.

Поврзани новости