Косово не знае каде е Исмаиловиќ, а не го споменува ниту Демири, обвинети во „Монструм“

by fokus

Косовските власти не знаат каде е Африм Исмаиловиќ. Ваков одговор добило македонското Министерство за правда на барањето да се екстрадира Исмаиловиќ, кој е еден од обвинетите во случајот „Монструм“.

-Поради интересот на јавноста за екстрадиција на Африм Исмаиловиќ – обвинет во случајот „Монструм“, сакаме да ве информираме дека нашето министерство доби информација од страна на Министерството за правда на Косово дека добиле одговор од надлежниот Јавен обвинител дека во моментот не е познато каде се наоѓа обвинетиот Африм Исмаиловиќ.

Министерството за правда на Република Северна Македонија ќе испрати ургенција и ќе побара од надлежните косовски власти да направат напори за пронаоѓање на лицето и негова екстрадиција со цел да биде изведено пред лицето на правдата, се вели во соопштението на Министерството за правда.

„Фокус“ побара одговор од министерството дали ова значи дека косовските власти го обезбедиле вториот бегалец исто такак обвинет за петкратното убиство, Алил Демири, но оттаму добивме одговор дека воопшто не добиле информација за Демири.

Неодамна пак министерот за внатрешни работи на Косово, Екрем Мустафа, рече дека двајцата обвинети во случајот Монструм – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, ќе бидат екстрадирани во Македонија.

Двајцата бегалци пред две-три години излегоа на слобода, откако претходно издржуваа затворска казна во Косово, за поседување на оружје. Косовските власти тогаш го одбија барањето на Македонија за екстрадиција.

Исмаиловиќ и Демири се меѓу обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското езеро што се случи на 12 април 2012 година.

В.В.

Поврзани новости