Корупцијо, go away!

by Fokus

Не е, бре луѓе, нормално кражбите, незаслужените вработувања, неправедните казнувања и изманипулираните судења да бидат нормална состојба! Не е нормално владата да се однесува како да вегетира во космичка капсула што виси во воздухот и единствената врска што ја има со народот да биде манипулацијата и измамата

Пишува Арбен ТАРАВАРИ

Престижниот неделник „Економист“ го објави извештајот на Транспаренси интернешнел за Северна Македонија. Разочарувачки е што во ниту еден пасус, реченица или збор нема никаква пофалба или констатација дека работите се одвиваат нормално.

Податоците во извештајот не се ништо повеќе од аларм за извлекување од калта. Читајќи го извештајот, се чини дека државата е заложник на „хибриден режим“, кој продолжува да царува на свој начин, без скрупули кон народот.

Очекувајќи дека по 10-годишниот режим на Груевски конечно ќе процвета долгоочекуваната и толку силно ветувана демократија, се соочивме со ќор-сокак без перспективи за излез. До толку лошо да ни оди работата да стигнеме до најважните светски весници, како што е британскиот „Економист“?!?

ВКЛУЧЕН АЛАРМ

 Еве, на пример, што наведува овој весник за нашата земја:

„Изборите имаат фундаментални нерегуларности што честопати водат до тоа да не бидат слободни и коректни. Притисокот на владата врз политичките партии и опозициските кандидати се случува често.

Хибридните системи имаат посериозни слабости од системите со кревки демократии, како, на пример, политичката култура, функционирањето на владата и политичката партиципација.

Корупцијата е на високо ниво, а владеењето на правото е слабо. Граѓанското општество е слабо. Обично има притисок и напади врз новинарите, а судството не е независно.

На кражбата на гласови и нарушувањето на политичката волја, особено на албанското мнозинство, навремено реагираше албанската опозиција, составена од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Тие ги оценија изборите за украдени, а политичка волја на Албанците шверцувана од страна на владејачката партија ДУИ“.

Ова се некои од редовите содржавни во лондонскиот весник, што го вклучува алармот околу владејачката драма што се одвива на Балканскиот Полуостров, и тоа токму во нашата земја.

Не е, бре луѓе, нормално кражбите, незаслужените вработувања, неправедните казнувања и изманипулираните судења да бидат нормална состојба! Не е нормално владата да се однесува како да вегетира во космичка капсула што виси во воздухот и единствената врска што ја има со народот да биде манипулацијата и измамата.

„МАЈНДСЕТОТ“ НА ПРЕБЕГАНИОТ

Па, нели, рековме дека храбро ќе удриме против таквите состојби? Нели, рековме ќе се оддалечиме од „мајндсетот“ на пребеганиот?

Не е нормално корупцијата да ни биде модус вивенди.

Знаеме што значат нејзините последици, меѓу кои и проблем да се искорени сиромаштијата и континуирано да се спречува економскиот развој. Контролирањето на корпуцијата бара да се зајакнат институциите и да се воспостави владеење на правото. Кога ќе ја совладаме таа лекција? Та, не сме од вчера.

Ако пандемијата ја потресе економијата на многу луѓе во светот, животот на луѓето во нашава земја, продолжува да биде ист веќе 13 години, a дали е модерно ропство, не знам.

Јасно е дека корупцијата нема никогаш да замине во историјата. Таа отсекогаш била дел од историјата и човековата природа, а се прашувам дали некогаш ќе биде отстрането нејзиното „инфективно дејство“. Можеби најдобриот начин е да се размислува во насока како таа да биде сведена на минимум.

Ганди своевремено рекол „Светот има доволно за сечии потреби, но недоволно за сечија алчност“. Да ставиме прст на чело!

 

Поврзани новости