Корупцијата и граѓаните

by fokus

Не е корупција само давањето пари, туку и напредувањето без основ и резултати е корупција, која веќе подолго време го разјадува судството. Напредување како заслуга за определени очекувани пресуди со клиентелистички однос на судијата кон власта е корупција, која ѝ овозможува на политиката и на политичките партии и понатаму да ги влечат конците во судството

Звонко ДАВИДОВИЌ

Пред некој ден, директно од малите екрани ни беше соопштено дека народот во Македонија е корумпиран, а не судството. Некако ми олесни по таквата изјава и сознанието дека со судството сѐ е во ред, народот не чини.

Прибе, Советот на Европа, меѓународни комисии и експерти, сите биле во заблуда и грешеле за судството, а народот бил расипан и корумпиран. Замисли им нудел пари на судиите, а тие гневно ги одвраќале вртејќи ги главите достоинствено и одбивале да ги земат парите. Тоа што не ги пријавувале ваквите корумпирани претставници на народот и што не се води ниту еден предмет за поткуп на судија или обвинител, тоа е затоа што судиите имаат големо срце, па не сакале да им направат проблеми на ваквите неосвестени корумпирани типови.

НЀ УЧЕЛЕ ПОГРЕШНО

Сфаќам дека и моите професори ме учеле грешно, намерно или не знам, но корумпиран е тој што зема пари, друга вредност или услуга  за да преземе дејствие што не треба да го преземе или да не преземе дејствие што треба да го преземе, а е на таква позиција да може тоа да го стори во рамките на своите овластувања. Тоа обично се вика примање поткуп, а тој што дава пари, вредност или услуга одговара за давање поткуп. Какви ли тоа позиции има народот и овластувања да биде корумпиран и да добива пари, навистина не знам. Не ми е јасно ни кој го корумпирал.

Но, ако ја тргнеме шегата на страна, изјавата и она што таа го отсликува се повеќе од сериозни. Истата изјава праќа неколку пораки, кои се не така убави.

Прво, и понатаму не се согледува и детектира вистинската состојба во судството.

Второ, не се извлекоа никакви поуки од минатото и се продолжува со затварањето очи пред реалноста.

Трето, наместо вистински реформи и стручни луѓе на чело на судските и обвинителските институции и понатаму луѓе без кредибилитет и со кичма, која лесно се витка.

Четврто, и судството и обвинителството се и понатаму исполитизирани и имаат клиентелистички однос кон власта.

САМО ВЛАСТА Е КОРУМПИРАНА

Ниту еден народ не е корумпиран, само власта може да биде корумпирана. Корупција постоела и постои и ќе постои, најверојатно сѐ додека постои човештвото, но битни се границите и обемот на корупцијата, која го зафаќа општественото ткиво и особено реакцијата на системот кога ќе се утврди коруптивно однесување.

Најверојатно не постои држава без корупција, но постојат држави во кои таа е сведена на подносливи граници и се отсликува во инцидентни случаи, кои добиваат брза и ефикасна правна завршница. Во таквите држави нема недопирливи и над законот, може да постојат единствено неоткриени случаи, па не ги стигнала казната.

За разлика од таквите држави, каде што корупцијата е исклучок, ние и соседите сме држави во кои исклучок е кога нема корупција. Партизирањето на државата и институциите, сместувањето на партиските кадри на државни функции, без оглед на стручноста и способноста, сфаќањето дека власта е инструмент за богатење, нетранспарентноста и неотчетноста на власта, но и партиите, се само дел од условите и причините за корупција, и тоа ја создава перцепцијата кај народот дека треба да даде пари за да заврши работа.

Не се новинарите тие што ја создаваат перцепцијата за корумпираноста на институциите пред граѓаните, туку тоа го прават институциите и дел од вработените во нив.

НЕ СЕ СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ КОРУМПИРАНИ

Не се сите функционери корумпирани, но и тие што не се корумпирани се одговорни за она што се случува, затоа што ги затвораат очите, молчат и не пријавуваат. Постојано се зборува дека треба да ги охрабриме функционерите, судиите, обвинителите да пријавуваат корупција, што е смешно и апсурдно. Каков е тој судија ако јавноста и граѓаните или кој било друг треба да го охрабри да пријави казниво дело и противправно однесување.

И на крај, не е корупција само давање пари, туку и напредување без основ и резултати е корупција, која веќе подолго време го разјадува судството. Напредување како заслуга за определени очекувани пресуди со клиентелистички однос на судијата кон власта е корупција, која ѝ овозможува на политиката и политичките партии и понатаму да ги влечат конците во судството.

 

Поврзани новости