Копач: Северна Македонија нема доволно производство на струја и поради тоа многу зависи од увозот

by Fokus

Цената на електричната енергија секако ќе расте, истакна директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач по средбата во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и препорача земјава повеќе да инвестира во обновливите извори на енергија (ОИЕ) и во зголемувањето на енергетската ефикасност (ЕЕ).

На средбата, како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, разговарале за случувањата во електроенергетскиот сектор и го информирале Копач за последните случувања на пазарот на електрична енергија и мерките што се преземени од останатите државни органи.

Во изјава за медиумите, Копач посочи дека кризата со електричната енергија е на глобално ниво и дека во една ваква ситуација најлесно е да се преживее со домашното производство на електрична енергија.

– Тоа на некој начин го амортизира ударот, но во Северна Македонија нема доволно производство на електрична енергија и поради тоа многу зависи од увозот. Не може да најдеме решение преку ноќ, треба да има повеќе инвестиции во обновливи извори на енергија, преку нови електрани на ветер, на сонце, хидроелектраната Чебрен, само тоа може да се помогне во совладувањето на енергетската криза, изјави Копач и додаде дека сето тоа ќе се одрази на поскапување на цената на електрична енергија.

Сакале или не, рече Копач, ќе дојде до поскапување на струјата, бидејќи увозот е многу скап.

-Затоа најважно е да се дефинираат ранливите категории и да им се пружи помош за да може нормално да си ги платат сметките, порача Копач.

Како што нагласи во сите земји од поранешна СФРЈ, со исклучок на Словенија и Хрватска, се држат ниски цените на струјата за домаќинствата.

Поврзани новости