Концесионери „заштедиле“ половина милион евра на буџетска штета

by fokus

Поради пропусти при евиденција и наплата на приходите и други недостатоци, за четири години биле наплатени помалку концесиски надоместоци во износ 530.000 евра, утврдил Државниот завод за ревизија, по што Министерството за економија ги активираше надлежните институции да извршат вонреден надзор врз концесионерите, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Инаку, во периодот од 2016 до 2020 година, за вршење на експлоатација на минерални суровини државата преку повеќе од 300 договори за концесија наплатила скоро 40 милиони евра, со тоа што ревизијата констатира дека од вкупно 54 договори за кои не е платен концесиски надоместок, за дури 22 договори не се преземени соодветни мерки за еднострано раскинување.

Од друга страна, од Министерството за економија тврдат дека нема концесионери кои пријавиле експлоатирана и продадена количина на минерални суровини, а притоа не платиле надоместок. Само во последнава година и половина, според информации од Министерството, поради неплатен надоместок, но и по други основи, одземени се 18 концесии и во моментов се води постапка за едностран раскин за вкупно 4 договори.

Покрај тоа, ДЗР утврдил дека државата наплатила 11 милиони со задоцнување без да пресмета затезна камата, додека некои концесионери вршеле експлоатација на простор поголем за дури 25 илјади квадратни метри од она што го предвидувала дозволата. Имено, ваквите наводи сега ги проверуваат Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за техничка инспекција, а Министерството за внатрешни работи само годинава поднело 3 од вкупно 19 кривични пријави за незаконска експлоатација на минерални суровини.

Воедно, се наведува дека во договорите за концесија не е вклучена обврска за доставување на геодетски елаборат од извршеното геолошко снимање, ниту обврска за финансиска гаранција во случај на штетни влијанија по животната средина итн. Ревизорскиот извештај го разгледал и вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски, од чиј кабинет посочуваат дека се лоцирани суштинските аспекти за коишто е потребна системска интервенција.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости