Конечно „вмровец“ ќе седне на дуел: Китев и Јанчев утре ќе се соочат на локалната телевизија

by Fokus

Утре, петок, со почеток од 20 часот, на локалната телевизија КТВ во ТВ дуел ќе се соочат Бетиан Китев и Митко Јанчев. Китев е кандидат за градоначалник на Кавадарци од редовите на СДСМ, додека Јанчев, познат во градот и како Митко Кожувчанка, е кандидат од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

И двајцата кандидати ја прифатиле поканата од медиумот, и кавадарчани со нетрпение го очекуваат нивното соочување.

,,Телевизиската дебата е стандард и пракса во секоја демократска земја. Драго ми е што противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ конечно собра храброст и прифати ТВ дуел каде би ги соочиле аргументите од нашите програми и нашата визија и концепт за развој на Кавадарци’’ – вели Китев.

„Прифаќам ТВ дуел. Секој кандидат кој со чиста совест работи и поседува издржани аргументи и факти и треба да се соочи најпрво со граѓаните и кандидатот од спротивната страна“- изјави Јанчев.

За време на првиот круг на локалните избори, Китев освои 11.482 гласа, додека Јанчев освои 12.077 гласа. Независниот кандидат Борис Давидов освои 271 глас, а пак Верица Арсова од ГРОМ освои 165 гласа во Кавадарци. Китев и Јанчев ќе се борат за довербата на граѓаните во вториот изборен круг.

Вики Клинчарова

Поврзани новости